Кој друг ако не Жозе Мурињо со најјаките приказни од светот на фудбалот.
Во сезоната 2008/2009 по отказот кој го доби Роберто Манчини кој на Интер му донесе неколку шампионски скудета по ред, на клупата на Интер на 2-ри јуни 2008-ма седна Жозе Мурињо, најдобриот во тоа време.
Португалецот имаше врвен состав со Жулио Сезар со Занети, Самуел, Кордоба, Ибрахимовиќ, Балотели, Фиго, Кварезма, Креспо, Киву, Матераци, Мансини и др.
Интер во текот на таа сезона беше при самиот врв а на крајот го освои скудетото пред Јувентус и Милан кои завршија на второ и трето место. Од таа сезона 2008/2009, Жозе Мурињо еднаш раскажа една анегдота.
Во клубот некој дознал дека Бразилецот Маикон пред секој католички Божиќ намерно добива жолти картони, со цел да си оди во татковината и таму да помине повеќе време со семејството и пријателите.
За ова дознал и Мурињо, па пред гостувањето во Сиена, му кажал на десниот бек кој веќе имал три жолти картони по ред: „Немој да си помислил да добиеш жолт картон. Јас сè знам! Нема да ме превариш“.
Ама желбата на Маикон да си оди во Бразил на одмор била преголема.
„А што ако дадам гол? Ќе смеам тогаш да одам?“, лутито го прашал Маикон Мурињо. „Ако дадеш два гола ќе можеш да одиш“, ладно му одговорил Жозе, свесен дека десниот бек не би дал два гола на еден меч па да се преврти.
На мечот во Тоскана, Интер повел 0-1 со гол на Маикон во 35-та минута. Сиена израмнила 1-1 во 44-та минута за да во 83-та минута, во самиот финиш Интер пак поведе. 1-2. Стрелец? Маикон, негов четврти гол сезоната.
Го прослави во трк и прегратка со Мурињо, ама го соблече и дресот за што доби жолт картон. Суспензија, три бода, радост и цела недела на одмор во Бразил дома.