Пред само еден месец Реал Мадрид веќе почна да ја слави новата титула откако направи 10 поени предност во однос на Барселона. Но со 3 нерешени на последните 5 натпревари, оваа предност се намали на само 4 поени, а на 22 април на Камп Ноу ќе се одигра и големото Ел Класико.
За прв пат оваа сезона Реал Мадрид не успеа да постигне гол на својот терен, а Валенсија по серијата од 5 порази, конечно им украде поен на „кралевите".
Мрежите мируваа, но натпреварот изобилуваше со шанси на двете страни. Роналдо ја погоди стативата уште во 8-та минута, а во 25-та минута Рикардо Коста ја погоди стативата и од голот на Реал.
Во второто полувреме гостите уште еднаш ја затресоа рамката од голот. Овој пат Тино Коста ја погоди пречката со страотен удар од далечина.
Во продолжението следеше целосна доминација на Реал Мадрид, но голманот на Валенсија, Виденте Гуаита беше нерешлива енигма за Роналдо, Бензема и Ди Мариа.
На 6 кола пред крајот Реал Мадрид има 79 поени, а Барселона 75.
Веќе во среда Реал Мадрид го очекува гостување во соседството кај градскиот ривал Атлетико Мадрид. По Ел Класико на 22 април, фудбалерите на Мурињо ќе ја пречекаат Севиља, а на 2 мај ги очекува тешко гостување кај Атлетик Билбао.
Од потешките натпревари освен дуелот со Реал Мадрид, фудбалерите на Барселона ги очекуваат и гостувања кај Леванте и Бетис во последното коло.