Од правилата за осигурување на играчите кои се повредиле за време на репрезентативните настапи, во изминативе три години најголем аир виделе европските клубови кои добиле дури 98% од парите кои ги исплатила ФИФА.
Во првите 2 години и 4 месеци, Светската куќа на фудбалот за оваа обврска исплатила 39,4 милиони евра, а од нив околу една третина или 13,2 милиони заработиле англиските клубови. Останатите кои најмногу профитирале се клубовите од Шпанија (7,9 милиони), Италија (4,9 милиони) и Германија (4,3 милиони)
Од вкупно 129-те случаи, компензација е исплатена за 27 играчи од Премиер лигата, 17 од Бундеслигата, 16 од Серија А и 14 од Примера.
Поделено по земји, најмногу повредени имало кај Светскиот првак Германија и за 11-те играчи на клубовите им се исплатени 4,2 милиони евра. Од селекцијата на Италија имало седум фудбалери, од Англија и Швајцарија по пет, а Белгија, Чиле, Јужна Кореја, Холандија и Уругвај по четири.
Во сублиматот на ФИФА не се соопштени детали за кои фудбалери станува збор, но јасно е на пример дека од овој вид на компензација Барселона има заработено од Нејмар кој се повреди на четвртфиналниот меч од Мундијалот кој Бразил го играше против Колумбија.
Според правилата на програмата еден клуб може најмногу да заработи 7,5 милиони евра или 20.548 евра дневно за повреден фудбалер во период најмногу до една година. Истата сума ќе се исплаќа и за периодот од 2015-2018 година и овој пат ќе важи и за фудбалерките почнувајќи од годинашното Светско првенство во Канада.