Европската куќа на фудбалот на состанокот во Дубровник ја потврди кандидатурата на Фудбалската федерација на Македонија која во конкуренција на половина Европа ја испрати апликацијата за Филип Втори да биде домаќин на некоја од средбите на Европско првенство за седум години.
Нашата националната арена која има капацитет од 33.000 седишта е една од кандидатите за натпреварите од првата групна фаза за кои ќе се одбираат стадиони со минимум 30.000 гледачи, додека за натпреварите од другите фази критериумите се да имаат капацитет од над 50.000 седишта. Полуфиналињата и финалето ќе се одржат на само еден стадион кој може да собере 70.000 гледачи.
Официјална кадидатура за организација на ЕУРО 2020 поднесоа 32 земји со 39 града а тоа се: Скопје (Македонија), Загреб (Хрватска), Атина (Грција), Ереван (Ерменија), Баку (Азербејџан), Астана (Казахстан), Будимпешта (Унгарија), Хелсинки (Финска), Минск (Белорусија), Брисел (Белгија), Софија (Бугарија), Прага (Чешка), Копенхаген (Данска), Лондон (Англија), Лион (Франција), Минхен (Германија), Ерусалим (Израел), Рим и Милано (Италија), Киев и Донецк (Украина), Даблин (Р. Ирска), Варшава и Хорзов (Полска), Мадрид, Барселона, Билбао и Валенсија (Шпанија), Порто и Лисабон (Португалија), Амстердам (Холандија), Букурешт (Романија), Санкт Петербург (Русија), Глазгов (Шкотска), Белград (Србија), Стокхолм (Шведска), Базел (Швајцарија), Истанбул (Турција) и Кардиф (Велс).
Првиот човек на УЕФА, Мишел Платини кога ја претстави оваа идеја како дел од причините за едно вакво европско го наведе намалувањето на севкупните огромни трошоци на единствената земја домаќин, како што беше до сега во услови на тешка економска криза која ги зафати европските земји.
„Ова може да претставува успешен модел кој ќе биде од голема корист за земјите домаќини на турнирот, но многу од градовите каде досега се играа европските и светските првенства претрпеа огромни загуби" смета фудбалерот Франц Конигшофер, кој напиша книга за Австрија која беше домаќин на ЕУРО 2008.
Украина, Полска, Португалија и Швајцарија имаа проблеми навреме да ги завршат стадионите кои чинат многу пари, а на крајот остануваат неисплатиливи. По завршувањето на Европското првенство за кое биле наменети, истите стадиони потоа не се исполнуваат до крај на спортските натпревари во националните првенства.
Во целата оваа приказна многу важен детал е навивачката атмосфера која според фудбалските критичари може да исчезне, затоа што навивачите во тој случај ќе бидат распрскани во 13 земји. Самите навивачи може да бидат изложени на уште поголеми патни трошоци, за кои често пати се жалат дека се неподносливи, но Платини се надева дека 2020 година ќе донесе поевтин и попрактичен превоз.
Под знак прашалник останува и целата организација од телевизиските права, за кои раководните луѓе на УЕФА не кажаа како ќе бидат решени. Помалите компании во минатото ја критикуваа стратегијата на организаторите во однос на маркетингот, затоа што тешко доаѓале до заработка од ТВ правата.
Светските медиуми отидоа до таму што се сомневаат дека Платини со ова им се заблагодарува на помалите источни земји кои гласаа за него на изборите во 2007. Неговото заблагодарување тој им го возвраќа со можноста за прв пат да бидам домаќини на еден таков голем елитен фудбалски собир.
Тоа го поврзуваат и со аферата која ја објави магазинот „Франс Фудбал" за претседателот на УЕФА кој гласал за Катар да биде домаќин на Мундијалот во 2022, а за возврат Шеиците после неколку недели инвестираа во францускиот фудбал, во екипата на ПСЖ.
Списокот со 13 домаќини на ЕУРО 2020 ќе го дознаеме наредната година, а на европскиот континентален собир со нови историски промени ќе се одбележат и 60 години од одигрувањето на првото Европско фудбалско првенство.