Клаудио Пизаро и Вердер често се разделуваа, но изгледа како да се создадени еден за друг. Во јули перуанскиот центарфор одново се врати во Бремен и сега историјата на нивната љубов изгледа вака:
1999-2001: прво доаѓање и деби;
2009-2012: враќање од Челси на позајмица а потоа и откуп на договорот;
2015-2017: се врати како слободен играч од Баерн Минхен;
2018: 39-годишниот Пизаро по четврти пат се врати во старото јато, овојпат од Келн кој испадна во втората бундеслига.
Во последните години навивачите на Вердер минуваат низ тежок период: екипата која во 2000-те години рамноправно се бореше за врвот, освои титула и играше во еврокуповите, сега веќе 10 години живее без трофеј.
Но кога разбрале дека Пизаро ќе се враќа во клубот, заборавиле на сите сушни сезони.
СЕ ЖАЛЕЛ ДЕКА ГЕРМАНЦИТЕ СЕ СТУДЕНИ
Првпат Клаудио во Вердер дошол на 19 години во 1999 година. До тој момент во Бундеслигата никогаш не играл ниту еден Перуанец.
19-годишниот Пизаро ја добил десетката и веднаш покажал што знае: за една недела дал гол против Кајзерслаутерн, а после неколку дена направил хет-трик против Волфсбург. Таа сезона клубот од Бремен го зазел 9. место во Бундеслигата но стигнал до финалето на Купот на Германија (пораз 0:3 од Баерн) и четвртфиналето на Куп на УЕФА (0:2 и 2:4 со Арсенал).
Првата сезона му била експлозивна: 39 натпревари - 15 гола. „Неговото доаѓање во екипата е подобро отколку што мислевме. Конкуренцијата беше голема, но играч како него не се плаши. Имам целосна доверба во него. Знам дека го бараат некои италијански екипи, но сакам да остане тука“, се радувал тренерот на Вердер Томас Шаф.
Така и се случи. Следната сезона Пизаро ја запчна во Вердер и покрај интересот од Серија А, Ла Лига и Премиер. Во првото коло дал гол, но потоа следувале два сушни месеци.
„Луѓето во Германија се ладни и негостопримливи“, се жалел Пизаро кој почнал да дреме во бременските барови поради што клубот го казнил 10.000 марки.
Во втората полусезона дал 8 гола на 8 меча или вкупно 19. Вердер немаше добар финиш но весникот Kicker го прогласил Клаудио за најдобар напаѓач во втората полусезона.
За него тогаш загризале Борусија Дортмунд, Реал, Барселона, Интер и Баерн. Најконкретна била понудата на Баварците кои дале 8 милиони евра.
ВО БАЕРН ИГРАШЕ ОДЛИЧНО, НО ПОСТОЈАНО ЗАПАЃАШЕ ВО НЕЗГОДИ
Клаудио Пизаро брзо стана еден од најдобрите напаѓачи во Бундеслига (174 натпревари, 71 гол, 7 титули), но тие шест години во Минхен биле многу чудни затоа што постојано запаѓал во неприлики.
Во 2006 година Клаудио два пати во шест месец го фаќале пијан зад воланот: и два пати нивото на алкохол во крвта ги надминувал допуштените 0,05 промили во Германија. Клубот го казнувал играчот но тренерот Феликс Магат му простувал и не го отстранил од тренинзите.
Односот со клубот сериозно се нарушил поради настапите на Пизаро за репрезентацијата на Перу. Пред два меча на Јужно-американците, неговиот агент се јавил и кажал дека Баерн одлучил Пизаро да игра само на еден.
На крајот Перуанците ги обвиниле Клаудио и неговиот менаџер дека лажеле. После неколку месеци избил нов скандал: Пизаро со неколку соиграчи биле фатени со проститутки и алкохол. Сите биле казнети по 10.000 евра и отстранети од репрезентацијата на Перу на шест месеци.
„Изненаден сум од казната. За себе можам да гарантирам дека не го нарушив режимот и на време бев во баазата на репрезентацијата. Слушнав гласини дека намерно сум сакал да ме избркаат од репрезентацијата, не знам од каде им истекнуваат тие работи. Перу е моја татковина, моја желба и сакам да ја штитам нејзината чест и да и донесам радост со голови“, се правдал Пизаро.
Пизаро дури и решил да ги даде на суд селекторот Хозе Дел Солар и фудбалската федерација. Како резултат на тоа суспензијата му ја скратиле до три месеци, а паричната казна била смалена. Во репрезентацијата на Перу се вратил дури во 2011-та под новиот селектор.
Пред сезоната 2006/2007 Клаудио барал зголемување на платата од Баерн до 4 милиони евра, но потпретседателот Карл-Хајнц Румениге бил јасен: „Ако некој сака да заработува колку Андреј Шевченко, треба да биде подобар од Шевченко“.
Перуанецот ја доиграл сезоната и отишол во Челси кој се борел за него со Јувентус. Од Лондон му понудиле 4-годишен договор и 50.000 фунти неделно.
ВО БРЕМЕН СЕ ПРОНАЈДЕ ПО НЕУСПЕХОТ ВО ЧЕЛСИ
Во 2008-ма Пизаро по втор пат се вратил во Вердер затоа што во Челси ништо не му тргна од рака. Во Англија не играше на нивото иако Мурињо му даваше доверба. По заминувањето Португалецот, новиот тренер Аврам Грант го седна центарфорот на клупа.
Пизаро доби каква-таква шанса само кога Дидие Дрогба и Саломон Калу заминаа на Африканскиот Куп на нации, но пак фалеа голови. Даде само два за цела сезона и навивачите не беа задоволни од него.
Следуваше едногодишна позајмица во Вердер каде ја оживеа кариерата. Клубот заврши 10-ти во лигата, испадна во групната фаза на Лига на шампиони но го освои Купот на Германија. Пизаро тогаш и помогна на екипата со 17 гола во една сезона. Бременците го откупија неговиот договор со Челси за само 2 милиони евра.
Престојот во Бремен одново беше величествен: даде страшни 32 гола за две сезони иако Вердер не освои ништо. Во тоа време навивачите веќе беа вљубени во него. Го сакале поради неговите маестрални голови и раскошни хобија. Во Перу одгледувал коњи (во еден момент имал дури 50) кои учестувале на трки а потоа ги продавал во Аргентина.
Велат дека ниту еден коњ немал случајно избрано име: Алијанц Арена, Карл-Хајнц, Мариенплац (централниот плоштад во Минхен) - сите тие биле дел од неговиот живот.
Но Пизаро ја имал и коцката како порок. Често ставал големи суми пари на кладење но никогаш не освоил повеќе од 800 долари. Во 2012 година Клаудио веќе имаше 33 години, го убедиле да остане во Бремен но тој решил уште еднаш да освои некоја титула со Баерн.
ЈА ОСВОИ ЛИГАТА НА ШАМПИОНИТЕ, НО СЕ ВРАТИ МЕЃУ СВОИТЕ ДА ЈА ЗАВРШИ КАРИЕРАТА
Во вториот престој во Минхен Пизаро помина 2 години но остана во сенка на двајцата Мариовци - Манџукиќ и Гомез. Тоа не му сметаше првпат да ја освои Лигата на шампионите и да освои уште титули во Бундес. Пред сезоната 2015/2016 остана слободен агент.
Но Пизаро не размислувал да ја заврши кариерата и се договори со клубот каде го сакаат во било кое доба и во било каква форма. На аеродромот во Бремен се собрале неколку илјади навивачи кои го пречекале.
„Во шок сум од таквиот прием. Не очекував толкава толпа народ. Прво мислев дека со мене во авионот летала некоја поп-ѕвезда. Џастин Бибер можеби или папата Франческо“, рекол Пизаро.
Во првата сезона после враќањето веднаш здиве и постигна 14 гола на 28 средби. Му помогнала диетата која што му ја препишал италијанскиот доктор Џулиано Позеро кој се прославил со работата со Меси.
Под надзор на доктор Позеро Перуанецот стопил 4 килограми и направил мускулна маса. Од исхраната му исклучиле компири, млечни производи, леб, газирани пијалаци и чоколада. Следната година имаше неколку повреди и нови соиграчи - Серж Гнабри и Макс Крузе. Во 2017-та не му го продолжиле договорот.
„Заедно донесовме решение. Прво, значително ни порасна конкуренцијата во нападот, а второ се појавија многу млади таленти чијшто развој не сакаме да трпи. Затоа решивме да не го продолжиме договорот со Клаудио“, рекол директорот на клубот Франк Бауман.
Една година ветеранот помина во Келн но сонувал да се врати во Вердер каде ќе ја заврши кариерата.
„Ако во Бремен е Пизаро, тоа значи дека со екипата горе-долу се е во ред“, напишал весникот Frankfurter Rundschau.
Летово Клаудио по четврти пат се враќа во својот најсакан клуб. Има 39 години но како што изјави еднаш: „Не се чувствувам стар. Се чувствувам Клаудио Пизаро“.