Во 1981-ва година некогашниот стопер на репрезентацијата на Франција, Жан-Пјер Адамс ја завршил кариерата. Имал 33 години кога после богата кариера во Ним, Ница и ПСЖ, последен пат истрчал на теренот на аматерскиот клуб Шалон на југот од Бургундија.
Меѓу неговите соиграчи бил и Јозеф Клосе, татко на легендарниот Миро кој подоцна стана најдобар стрелец во историјата на Светските првенства. Јозеф и Жан-Пјер играле во четврта француска лига.
По крајот на кариерата, Адамс планирал да стане тренер и почнал да учи занает. Во фудбалскиот клуб Шалон бил во исто време и тренер и фудбалер.
Во 1982-ра година Жан-Пјер набрзо после својот 34-ти роденден отишол на курс за тренерска лиценца во Дижон, но таму во еден момент ги повредил лигаментите на едната нога.
Повредата, позната како многу незгодна, болна и непријатна, барала брза интервенција. Адамс прво дошол на прво мислење кај еден доктор кој бил навивач на Лион и кој го познал стоперот од прва.
Докторот му закажал операција за неколку дена и му рекол на Адамс да ги реши сите административни работи што побрзо, да се спакува и да дојде итно во болница, за да се избегнат компликации.
Реално операцијата за таков тип повреди не е сложено и такви има милион задфати.
„Сè е во ред, во одлична форма сум“; им рекол Жан-Пјер дома на семејството пред да замине во болница.
Дошол во болницата „Едуар Ерио“, по името на еден поранешен француски премиер, на западот од Лион. Од тогаш повеќе Адамс до ден-денешен никој не го видел во свесна состојба.
****
Жан-Пјер Адамс бил роден во Дакар во 1948-ма година, кога Сенегал уште не бил неазвисна држава туку бил француска колонија, дел од Француска Западна Африка чиј главен град бил Дакар.
По крајот на Втората Светска војна, животот во Африка бил многу тежок. Жан-Пјер растел во строго католичко семејство со повеќе браќа и сестри. Фудбалот му го разведрувал деттвото.
Дедо му Александер Диедиу играл за локалниот клуб Жан д'Арк, па и Жан-Пјер сакал да тренира таму но родителите го терале да учи и му забранувале да игра ако имал слаби оценки во школо.
Кога малиот Жан-Пјер наполнил 10 години, баба му го однела на еден религиозен аџилак во Европа и таму го запишала во школото Сент Луј во градот Монтаржи на 150 километри од Париз.
Баба му подоцна се вратила во Африка а Жан-Пјер останал, него го посинило семејството Журден.
Франција на крајот од '50-те години и почетокот на '60-те била тешка средина за живот за црното население кое пристигнувало од Африка.
Фудбалот набрзо го спасил талентираниот Жан-Пјер и му помогнал да се навикне на општеството. Неговите врсници сфатиле дека е многу силен и цврст одбранбен играч.
Прво заиграл во школскиот тим, а таму иронично, го завикале „белиот волк“.
Жан-Пјер Адамс го завршил школото и почнал да учи за стенограф, но паралелно играл фудбал и се повеќе се интересирал да влезе во професионални води. Извесно време работел и во фабрика за производство на гуми.
После неколку години почнал да тренира и игра во Монтаржи, локален аматерски клуб кој ја освоил титулата во аматерската лига на Франција.
По среќното детство, на Адамс му се јавиле првите проблеми. Прво сериозно ги повредил двете колена. После еден од неговите најдобри другари, Мишел Слот го удрила кола додека возел велосипед и останал инвалид, а друг другар, Алан Гертон фатил вирус при едно патување во Азија и умрел.
На 19 години Адамс преминал во воениот клуб Антанта Бањо Фонтенбло Немур (EBFN), исто аматерски тим, но таму Пјер сериозно напредувал.
Во 1968-ма година во едно диско во Монтаржи се запознал со симпатичната русокоса Бернадет.
„Јас постојано танцував. Кога се запознавме, тој беше права мускулеста планина. Беше многу радосен, постојано се смееше, и почнавме да се дружиме“, се сеќава Бернадет за The Times.
Таа потекнува од работничко семејство. Татко и бил работник кој не бил баш најсреќен што ќерка му се гледа со црнец. Мајка и уште повеќе била против и не давала благослов за венчавка поради што Бернадет побегнала од дома. Набрзо после една година родителите попуштиле и направиле свадба.
„Не можам да негирам дека моето семејство многу тешко го прифати. Во тоа време врските меѓу црномурни мажи и бели жени не беа баш прифатливи. Но ние живеевме заедно а после решивме да се земеме. Им напишав на родителите за веста и им пратив покана за свадба. Мајка ми дојде кај нас на ручек и после тоа се беше прекрасно. Го засакаа и само за него зборуваа: „Жан-Пјер! Жан-Пјер!“.
Адамс брзо станал главен играч во Фонтебло каде прво играл централен напаѓач. Со него екипата за триу години два пати станала шампион а еднаш завршила на второ место.
Талентот на Жан-Пјер тогаш веќе го забележале големите клубови од Лига 1. Прв на проба во Ним го викнал тренерот Кадер Фируд (бил тренер на 782 меча, од него повеќе има само легендарниот Ги Ру). На една пријателска средба во Руан, Жан-Пјер го возела Бернадет.
Тој толку многу го импресионирал стручниот штаб, што веднаш во соблекувалната му понудиле професионален договор.
Во Ним, тренерот Фируд постепено го враќал Адамс во среден ред па на крај и во одбраната каде заиграл стопер. Цела работа била што екипата имала многу напаѓачи.
Трансформацијата Адамс не ја прифатил лесно, се нервирал како стои на теренот и сакал да си оди во друг клуб.
Но Фируд станал клучен човек во неговата кариера. Еднаш го земал со себе и му направил историска екскурзија по градот (Ним има богата и најдобро сочувана архитектура од римско време). Постојано разговарале, ручале,шетале. Фируд му го претставил градот и буквално го натерал да се вљуби во Ним.
Клубот во тоа време не бил просечен како денес, туку ги живеел најдобрите години. Се борел за титула и играл во еврокуповите.
„Во суровата одбрана на Ним имаше столб, природна сила, колос со необична спортска моќ: Жан-Пјер Адамс. Секогаш се плашев од двата меча во сезоната против Адамс и постојано пробував да бегам од него, беше како телохранител“, се сеќава Анхел Маркос, некогашен капитен на Аргентина кој играл за Нант.
На 24 години го добил првиот повик да игра за репрезентацијата на Франција во која тогаш немало многу црномурни играчи. Тој станал еден од првите. Французите биле просечна селекција.
Капитенот на Франција од тоа време, Анри Мишел рекол: „Жан-Пјер поседува природна снага, многу е јак, решителен, но во истовреме и многу добар“.
Во одбрана играл со Мариус Трезор од Марсеј, уште еден силен разбивач. Во францускиот печат ги нарекле „Црната гардија“ зошто одлично се надополнувале еден со друг.
Жан-Пјер бил побрз и некогаш трчал со топка по 50-60 метри. Трезор бил побавен но подобар техничар. „Адамс и Трезор е еден од најдобриот пар централни бекови во цела Европа“, ги фалел Франц Бекенбауер.
Адамс сакал да се облекува модерно, омилен бренд му станал Пако Рабан, одел на концерт на Be Gees, пиел по некоја чашка алкохол и палел цигара.
Во 1973-та Адамс преминал во Ница, клуб од Аѕурниот брег кој во тоа време имал многу пари и дури сакал да го земе Жаирзињо, лидер на моќниот Бразил. Жан-Пјер во Ница поминал три години, постојано играл за репрезентацијата на Франција и забележал 22 настапи. Ница за малку не станала шампион, а Жан-Пјер почнал често да се повредува.
Во меѓувреме поради повреди го изгубил местото во репрезентацијата и веќе никогаш не се вратил на претходното ниво. Изгубил место и во клубот.
ПРЕМИН ВО ПСЖ
Поради врвните партии кои претходно ги пружал, Жан-Пјер добил повик од ПСЖ. Амбициозен проект во овој клуб имал дизајнерот Даниел Ештер кој успеал да го направи Пари Сен Жермен модерен прволигаш.
Во Париз во таа 1978-ма дошле и Карлос Бјанки и Жан-Мишел Ларке. ПСЖ иако бил просечен тим во Лига 1 (11-то и 13-то место во две години), сепак голем дел од француската јавност почнал да навива за овој клуб.
После две години ѕвездите отишле во друга средина но Жан-Пјер и натаму не станал лидер (забележал само 24 меча за две години).
Откако му поминал врвот на кариерата, Жан-Пјер завршил во малиот клуб Мулуз и практично ја завршувал кариерата.
****
Во тоа време клубот Шалон, кој настапувал во петтата француска лига (аматерска) го викнала Адамс да им биде играч-тренер.
Трибините поради поранешната ѕвезда на репрезентацијата секогаш биле полни, а популарноста на Жан-Пјер и на Бернадет им овозможила да отворат бутик за спортска опрема.
Шалон успеал со него да влезе во четврта лига, и во 1981-ва година Жан-Пјер и официјално ја завршил играчката кариера и решил да се концентрира само на тренерска професија.
Екипата стигнала дури до уште една промоција, во трета лига, а Жан-Пјер морал да заврши двонеделен тренерски курс во Дижон, најголемиот град во Бургундија.
Но на третиот ден таму ги повредил лигаментите на коленото, истото тоа болно колено кое му правело проблем цела кариера.
Понатаму знаете. Отишол во Лион на операција. Обичен ден, среда. Ништо не најавувало зло. Дента се јавил во болницата каде имало значително помалку персонал.
Бернадет се нервирала што никој не и кревал неколку часа. После некое време и се јавила: „Бернадет? Итно доаѓајте“, сериозно дури и страшно звучел гласот од другата страна.
Жената била шокирана, не знаела што ја чека во Дижон. За да не патува сама таа се јавила во клубот Шалон за да и пратат некоја придружба. Ги оставиле синовите Лоран и Фредерик кај родителите и отишла во Лион со двајца пријатели на Жан-Пјер од клубот Шалон.
Таму дознале дека Адамс паднал во кома. Анестезиологот која што му асистирала на хирургот ги помешала шприцовите. И наместо рутинска анестезија која би го успала на неколку часа, таа му ставила речиси смртна доза анестетик.
Бернадет неколку дена поминала во болницата, но Жан-Пјер не се вратил во сознание. „Пет дена не излегов од болницата. Мислев дека ќе се разбуди во секој момент и дека ќе му требам до него“
Истрагата подоцна покажала дека поради штрајк на лекарите, жената анестезиолог која се грижела за него морала да следи и осум други пациенти во две соби меѓу кои и едно дете во серизона состојба.
Наводно Жан-Пјер поради тоа го ставиле на кревет кој не бил наменет за долг престој. Поради тоа еднаш перниците се лизнале надолу, а тој бил слабо интубиран (вметнување на цевка во трахејата со цел да се обезбеди несметана работа на дишните патишта и механичка вентилација), па една цевка го блокирала патот до белите дробови и тој немал вентилација на кислород до целото тело. Ова му предизвикало срцев удар од кој паднал во кома.
Ова било верзија на докторите, а неговата ситуација се усложнила затоа што него не го следел искусен доктор, туку стажант кој повторувал години (на суд тој ја признал грешката).
Не беше витална операција, имаше штрајк на лекарите, фалеа доктори а жената анестезиолог следеше осум други пациенти. Некој требаше да ми каже дека се одложува операцијата на Жан-Пјер
После три недели Адамс се разбудил делумно, но повредите на мозокот биле катастрофални и двигателните функции не му работеле. Затоа Жан-Пјер западнал во вегетативна состојба.
После 15 месеци во болница, лекарите и препорачале на Бернадет дека најдобро место за нејзиниот маж би бил некој дома за стари лица.
„Мислам дека не знаеа како да го гледаат, па си реков: „Ќе си дојде дома“ и од тогаш јас го гледам“, вели Бернадет.
Таа секој ден се буди пред 7, доручкува, малку седи сама и потоа започнува со нега на сопругот (пресоблекување, бричење, спремање храна и сл). Таа му помага да оди до тоалет а го носи и до кинезиолог да му ги проверува белите дробови и мускулите.
Таа вели дека ако има среќа, нејзиниот ден ќе заврши во осум навечер кога Жан-Пјер заспива.
Многу одамна добила отказ на работното место, но решила на суд да ја истера целата работа и спорот траел цели 12 години. Благодарение на помошта од фудбалот и колегите на Жан-Пјер (ПСЖ, Ним и Француската фудбалска федерација донирале пари и организирале хуманитарни натпревари) таа успеала да ја добие правната битка и да добива месечен приход/надомест 5.000 евра од болницата која што ја признала грешката.
Децата и Бернандет се трудат да му даруваат подароци за Божиќ, за Велигден, за Денот на татковците, за Нова Година.
Таа е уверена дека тој го слуша нејзиниот глас и дека ја разбира. Најмногу од се се плашела да не почине пред него. „Што тогаш ќе биде со него? Тој би пропаднал без мене“.
Анестезиологот и стажантот ги казниле со по 750 евра (по денешен курс) и им дале година дена условно.
Со дел од добиените средства таа изградила „Дом за спортисти“ во село близу Ним, градот во кој Адамс ги поминал најдобрите години од кариерата. И таму го донела него.
Во меѓувреме и предлагале евтаназија, но таа била против. Необично, иако долги години биле соиграчи од репрезентацијата, Мариус Трезор никогаш не собрал сила да го посетува.
„Дури и Жан-Пјер да се разбуди, тој никој нема да познае. Вреди ли таков живот? Ако со мене се случи такво нешто, јас би и кажал на жена ми да не ме држи“.
Но Бернандет не мисли така. Таа 38 години секојдневно се грижи за Жан-Пјер. Тој веќе има 72 години, тие двајца не разговарале од тогаш но таа верува дека кога тогаш ќе се врати.