Во Бразил се уште владее фудбалската треска по Купот на конфедерациите, натпреварување кое е предигра на Светското првенство. Но со успешната организација на турнирот и титулата на Бразил, не се намали револтот помеѓу народот заради големите вложувања при организацијата на овие натпреварувања додека останатите сектори како на пример медицината и образованието страдаат заради финансиски кризи.
Политиката го подели народот, па така додека траеа протестите, се случуваа и судири помеѓу демонстрантите и фудбалските фанови кои групно ги гледаа натпреварите во околните ресторани и кафулиња. Во таквите ситуации демонстрантите често извикуваа „изроди", а навивачите им одговараа со „лицемери".
Демонстрациите ги поделија и фудбалските легенди. Некогашните соиграчи од шампионската генерација, Ромарио и Бебето се најдоа на спротиставени страни. Протестите ги поддржа Ромаио кој денес е државен пратеник. Тој долго време ја критикува власта и челниците на ФИФА, а се спротистави и на приватизацијата на Маракана. Помеѓу останатите познати фудбалери кои ги поддржаа протестите е и Ривалдо.
Бебето исто така е пратеник, но од спротивниот табор. Тој е вклучен во организацискиот комитет и ги критикуваше протестите на улиците. Во организацијата на Светското првенство е вклучен и Роналдо, па и тој ги критикуваше протестите, а против ставовите на Ромарио застана и Пеле.