Халвор Екеланд и Локман Гормани се последните двајца новинари кои на лице место ја почувствуваа недемократска клима во земјата домаќин на следниот Мундијал, која има страшни проблеми во однос на почитувањето на човековите права.
Новинарите на норвешкиот сајт НРК биле на службено патување во Катар на една година пред стартот на Светското првенство. Требале да се качат на авион за назад во неделата ноќта, но биле уапсени и два дена задржани во станица.
Екеланд е спортски новинар во НРК кој во последниве неколку години имал неколку стории за Мундијалот, а Локман патувал со него како фоторепортер.
Двајцата пристигнале во Катар на 14 ноември и следниот ден требало да прават интервју со критичар на власта, но тој бил уапсен неколку часа пред интервјуто. Ова го соопштила организацијата Амнести интернешнл.
Случајот со уапсените новинари го потврдиле и од министерството за надворешни работи на Норвешка.
„Норвешката амбасада во Абу Даби е во контакт со катарските власти за случајот и добивме потврда дека двајцата повторно се ослободени. Колку што разбравме, ниту една пријава не е покрената. Можеме да потврдиме дека двајцата работат за НРК и дека се уапсени додека ја вршеле својата новинарска должност“, стои во изјавата на министерката за надворешни работи Аникен Хуитфелд, дадена за НРК.
Инаку норвешкиот медиум не добил никакво објаснување зошто е уапсена нивната екипа, што уште повеќе го потврдува самоволието на оваа земја која треба да го прими цел фудбалски свет.
Во Норвешка долго време се водеше дебата за бојкот на Светското првенство, а на квалификациските натпревари, фудбалерите на норвешката репрезентација носеа маици со натпис „човекови права“. На протестот им се приклучија и Германците.
Чисто како компарација за тоа како овие две земји гледаат на новинарството, Катар е на 123-то место по слободата на изразување на листата на ОН, а Норвешка на прво врз основа на индексот што го состави Репортери без граници.
И покрај сите контроверзности (поткупени гласови на сите функционери во ФИФА и политички притисок), нехуманост (увезени работници третирани како робови и многу жртви), нелогичности (пеколни температури, климатизирани стадиони, недостиг на инфраструктура во мала земја за голем настан, ограничување кај да се пие пиво, хаос во распоредот на лигите), сепак на крај пресудни беа милијардите на катарските моќници, кои на вештачки начин го избуткаа Мундијалот.
Според Амнести, најмалку 6.500 работници починале откако оваа земја го доби Светското првенство во 2010-та.
За да можат да ја пренесат реалната слика за тоа како нечовечно се третирани овие луѓе, новинари на arabnews, мораа тајно да снимаат во нивните смрдливи кампови кои изгледаат бетер од затвор.
За изградба на стадионите, домаќините ангажираа 40.000 имигранти од сиромашни земји како Непал, Пакистан, Индија, Шри Ланка, Бангладеш.
Што се случи со членовите на извршниот комитет на ФИФА кои го изгласаа најконтроверзниот Мундијал?