Џон Тошак храбро се одлучи за 3-4-2-1 формација со четворица фудбалери од младата репрезентација. Македонија натпреварот го започна со Богатинов на голот, Шиков, Грнчаров и Новески на централната дефанзивна позиција, Ристовски по десната и Урдинов по левата страна, Глигоров и Спировски како во средниот ред и Пандев и Тричковски во нападот зад Фазли.
И покрај тоа што Македонија одигра со видно изменет и подмладен состав, нашите репрезентативци најмногу благодарение на солидната игра во одбраната, храбро му се спротиставија на големиот фаворит, а воедно во неколку наврати тие и се заканија преку контра напади.
Португалија ја имаше иницијативата во текот на првото полувреме, но Роналдо и неговите соиграчи не успеаја посериозно да се заканат кон голот на Богатинов.
На стартот на второто полувреме во игра влегоа Ибраими и Демири на местата на Спировски и Глигоров, по што Македонија играше поотворено, а по еден час игра Хасани го замени Фазли.
Португалија повторно направи поголем притисок и креираше повеќе јалови шанси, но македонските репрезентативци беа посамоуверени и беа опасни секој пат кога ќе ја поминеа противничката половина.
Отворената игра на Македонија резултираше и со три сериозни шанси во вториот дел, но Ибраими и Шиков на два пати со глава не успеаја да ја затресат мрежата на Португалија.
Во 75-та минута одбраната беше освежена со влегувањето во игра на Георгиевски на местото на Урдинов, а последниот потег Тошак го повлече на пет минути пред крајот кога на местото на напаѓачот Тричковски го игра го внесе дефанзивецот Мојсов.
Португалија ја имаше својата најсериозна шанса во последните моменти од натпреварот, но Богатинов успеа да го одбрани ударот на Алеида.
Најголемата ѕвезда на домаќините, Кристијано Роналдо одигра 72 минути, а ова беше негов 89-ти настап за националниот тим, со што тој изби на четвртата позиција на вечната листна по бројот на настапи за репрезентацијата на Португалија.