Почина 23-годишен поранешен член на Ливерпул и Бетис

По долга борба со ракот, синоќа почина 23-годишниот Мики Роке, поранешен младински репрезентативец на Шпанија и член на Ливерпул и Бетис.

Фудбалерот Мики Роке во март минатата година објави дека по рутинска проверка заради болки во грбот, докторите му дијагностицирале тумор на карлицата. Операцијата во приватна клиника во Барселона за жал не беше успешна и тој синоќа ја загуби битката со ракот.

Мики Роке во 2005-та година се пресели во младинскиот тим на Ливерпул кога сениорскиот тим го предводеше неговиот сонародник Рафаел Бенитез. Со екипата на Ливерпул тој го освои младинскиот куп, а на 17 години настапи и за сениорите на натпреварот од Лигата на шампиони против Галатасарај во сезоната 2006/07.

По неколкуте сезони кои ги помина на позајмица во Олдам, Ксерез и Картагена, во 2009-та година тој потпиша за Бетис, а забележа и три настапи за репрезентацијата на Шпанија за фудбалери до 19 години.

Неколку месеци откако му беше дијагностициран рак, Роке објави крај на својата кариера, но за жал тој загуби битката на две недели пред да наполни 24 години.

25 јуни 2012 - 10:06