По гостувањето во Австрија, селекторот Игор Ангеловски на располагање вечерва имаше неколку фудбалери кои не играа во Виена поради повреди или суспензии.
Во формација 4-2-3-1, Ангеловски се реши за: Димитриевски - Ристовски - Муслиу - Велкоски - Ристевски - Николов - Барди - Елмас - Костадинов - Пандев - Стојановски.
Откако се наметна со дебитантски гол во Австрија, против Израел вечерва во стартниот состав со број 18 заигра Влатко Стојановски, фудбалерот на француски Ним кој и тоа како добро ќе дојде за баражот во Лига на нации.
Гостите од Израел дојдоа во најсилен состав, со феноменалниот Еран Захави кој постигна 11 гола и е втор на листата најдобри стрелци во квалификациите и Дабур од Севиља.
Македонија тргна многу офанзивно и започна со две големи шанси.
Уште во 57' секунда по едно добро движење, Барди се обиде во свој стил да пласира во подалечниот агол и за млаку не беше прецизен, а во 2' минута Елмас шутираше директно во противничкиот голман.
23-годишниот Тихомир Костадинов, играч на словачки Ружомберок, кој дебитираше во Австрија, вечерва доби нова шанса а по 19 минути од својот втор настап за Македонија, имаше супер шанса но шутираше покрај голот.
Македонија најблиску до гол беше во 36' минута кога Барди од слободен удар од аголот на шеснаесетникот погоди пречка.
Апсолутната доминација во првите 45 минути конечно после пет големи шанси, со гол ја круниса Бобан Николов. Барди центрираше од корнер, голманот Харуш ја боксуваше топката, а таа му падна „на тацна“ на Николов кој од прва ја заби во мрежата за 1:0. На паузата се отиде со тој резултат.
Уште не седнати на свои места, навивачите на стадионот „Тоше Проески“ за малку ќе го видеа и вториот гол на Македонија. Влатко Стојановски (22) искористи едно невнимание на гостинските стопери, стигна до топката и шутираше близу над голот.
Високо поставени, во интензивно темпо нашите репрезентативци продолжија и во продолжение од мечот. После 1 час во игра влезе Несторовски наместо Стојановски а формациски репрезентацијата стоеше исто на теренот.
До крајот од мечот на терен истрчаа и Ѓоко Зајков и Даниел Аврамовски кои влегоа на местата на Велкоски и Пандев, а нашите репрезентативци успеаа да го сочуваат водството и да освојат 3 бода со кои после 10 одиграни средби имаат учинок: 14 бода - 4 победи, 2 нерешени, и 4 порази.
Полска со триумфот од 3:2 над Словенија ни овозможи за првпат во една квалификациски група да завршиме на 3-та позиција.
Следно на ред е плејофот од Лига на Нации и полуфиналето против Косово во март следната година, кога Македонија ќе се обиде да влезе во евентуално финале каде би играле против победникот од двомечот Белорусија - Грузија.
Според прикажаното во овие, но и во претходните квалификации, Македонија дефинитивно покажа дека знае и дека може да направи историски исчекор.