Платини реизбран за претседател на УЕФА

Поранешниот фудбалер на Јувентус стана прв човек на европскиот фудбал во 2007 година, а денес во Виена доби нов мандат во кој борбата против расизмот и хулиганите ќе му биде главна цел.

Французинот стана претседател на УЕФА по заминувањето на Ленарт Јохансон, а денес во Виена немаше противкандидати и убедливо му беше изгласан нов мандат.
 
Мишел Платини како фудбалер на Јувентус беше дел од трагичниот настан на Хејсел, кога во финалето на Европскиот куп 1985 година загинаа 39 навивачи на Старата Дама.
„Во последните месеци сведоци сме на настани за кои мислевме дека се минато време. Некој од нас во живо присуствуваа на најголемите фудбалски трагедии, како оној на Хејсел пред 30 години. Никој не сака да се повторат таквите случувања и затоа ни требаат подрастични казни за изгредниците а тоа е нова Европска спортска полиција“, изјави Платини во денешниот говор. 
Сезонава насилни сцени изобилуваа во Лигата на Европа, најпрвин во Рим каде навивачите на Феенорд се судрија со полицијата, а подоцна и во Киев каде Украинците нападнаа навивачи на Генгамп.
24 март 2015 - 13:38