По тркалото, Плејстејшнот е најдобар пронајдок на сите времиња. И откако постои, јас играм со Барселона. Сигурно имам одиграно четири пати повеќе виртуелни натпревари од вистински.
Пирло против Неста беше „класика" дуел во Миланело. Пристигнувавме порано и се затворавме во соба од 9 до 11. По тренингот повторно игравме Плејстејшн до 4 попладне. И двајцата игравме со Барселона и до толку му се восхитувавме на Гвардиола што сакавме да го киднапираме.
На 25 август 2010-та година, гостувавме со Милан на Ноу Камп. По натпреварот, Гвардиола ме повика во неговата канцеларија.
Немаше потреба да ме повикува два пати. Веднаш отидов. На масата имаше црвено вино. Гвардиола почна да ми раскажува за Барселона, велејќи дека тоа е посебен свет, перфектна машина која сама се развива.
„Ни требаш тука, Андреа. Веќе имаме силен тим, но ти ќе бидеш шлагот на тортата. Бараме играч од средниот ред кој ќе соработува со Чави, Иниеста и Бускетс и тој играч си ти. Ги имаш сите карактеристики да играш за Барселона, а посебно една - ти си светска класа."
„Веќе разговараме со Милан и тие рекоа 'не', но ние не се откажуваме. Мораш да дојдеш тука Андреа. Отсекогаш си ми се допаѓал како играч и сега сакам да ти бидам тренер."
Ќе ползев на сите четири за Барселона. Во тој момент тие беа најдобар тим на светот. Нивниот начин на игра не беше виден подолго време.
Преговорите траеја подолго време, но Милан не се предаде. Во тоа време Милан сметаше дека се уште играм со полн капацитет и не ни сакаа да влезат во преговори.
Ќе бев среќен ако ме тренираше Гвардиола затоа што тој остава свој белег на тимовите. Тој ги воздигнува екипите на повисоко ниво. Ибрахимовиќ мислеше дека го навредува кога го нарече „Филозофот", но тоа всушност е убав комплимент.