Пипо Инзаги ја внесе Пиза во Серија А после 34 години!

Во италијанската втора лига Серија Б има уште две кола до крајот (едно плус едно заостанато да се доигра) но веќе се знаат патниците во највисок ранг, во елитната Серија А: тоа се Сасуоло (пласиран уште во април) и Пиза на Пипо Инзаги.

После 36 одиграни кола во Серија Б Сасуоло е прв со 82 бода, Пиза е втора со 72 бода а третопласираната Специја има 9 бода помалку од тимот од градот со фамозната крива кула и теоретски веќе работите се јасни на две кола пред крај.

Тимот предводен од Филипо Инзаги досега оствари 22 победи со 6 нерешени и 8 порази и гол разлика 58:32. Интересно, Пиза се враќа во Серија после цели 34 години!

Последен пат играле во А во далечната сезона 1990/1991 и од тогаш се во пониските лиги.

Во неделата Пиза изгуби од Бари 1-0 но изгуби и третопласираната Специја од Реџана на гости 2-1 па сè беше готово и славјето во Пиза можеше да започне.

Околу стотина навивачи биле на гостување во Бари а во градот Пиза илјадници жители кои на голем видео бим го гледале натпреварот со Бари, ги чекале фудбалерите до доцна за да на градскиот плоштад го прослават големиот, историски пласман во Серија А!

Интересен факт е што Филипо Инзаги чиј брат Симоне Инзаги со огромен успех го води Интер, не успеваше во Серија А но затоа пак и тоа како добри успеси имаше со второлигашки и третолигашки екипи. Еднаш во 2020-та го пласираше Беневенто во Серија А, а еднаш со Венеција од трета лига во втора лига Серија Б во 2017-та.

Ќе биде интересно да се види како ќе изгледаат натпреварите на симпатичниот стадион „Арена Гарибалди - Ромео Анконетани“ кога ќе гостуваат најголемите италијански клубови Јувентус, Милан, Интер, Рома, Лацио...

5 мај 2025 - 09:51