Хорхе Мендез
Непишаниот крал на фудбалскиот пазар е човекот кој на голема врата ги претстави Кристијано Роналдо, Фалкао, Нани, Жоао Мутињо, Диего Коста, Хамез Родригез, Анхел ди Марија, Виктор Валдес и многу други. Поранешен ди – џеј и сопственик на ноќен клуб, Мендез своето реноме го изградил преку продажбата на играчи од Пиринејскиот полуостров.
За тоа колку си ја знае работата покажуваат и понудите кои ги добил од Монако за да го убеди Кристијано Роналдо да премине кај нив и онаа од Реал за бројот „7" на кралскиот клуб да го продолжи договорот со мадриѓаните.
Мино Рајола
За него велат дека е еден од ретките кои со „ти" му се обраќа на Силвио Берлускони. Буцкастиот Рајола како менаџер на Ибрахимовиќ, Балотели, Погба, Кавани и многу други ѕвезди, го доби приматот најдобар фудбалски агент за изминатата година. Во животот не шутнал топка, а живее како најдобрите фудбалери на денешницата.
Успеа во Манчестер Сити да го одведе Балотели, а потоа го врати во градот на модата, во дресот на Милан. Најзаслужен е за серијата успешни трансфери на Ибрахимовиќ (Јувентус, Милан, Интер, ПСЖ) и преминувањето на Кавани од Наполи во ПСЖ. Познат е по тоа што без „влакна на јазикот" зборува за фудбалските актуелности.
Пини Захави
Ако на претходните двајца насловните страни им се омилена страна, тоа не може да се каже за Пини Захави. Израелецот направи вистинска империја од фудбалскиот пазар, посредувајќи во изминатите 20 години во трансферите на Дрогба, Ешли Кол и Петр Чех во Челси, Верон во Интер, Јап Стам и Рио Фердинанд во Манчестер Јунајтед и многу други ѕвезди од денешницата.
Заедничко со Хорхе Мендез му е тоа што го држат монополот врз португалскиот пазар, па така ниеден трансфер не може да мине без нивна согласност. Во сопственост на неговата менаџерска агенција меѓу другите се и Лазар Марковиќ кој деновиве од Бенфика замина во Ливерпул за 20 милиони фунти и Роландо кој е на прагот да потпише нов договор со Интер.
Захави за своите зделки секогаш одбирал тајни дестинации, далеку од очите на јавноста. Токму затоа постојат трансфери за кој се дознава во „5 за 12", омилена пракса на големите клубови.
Киа Јорабчијан
Со две државјанства (британско и канадско), Иранецот Киаваш Јорабчиан е најголемата мистерија во сферата на фудбалски агенти. Потекнува од богато иранско семејство, а неговиот татко Мухамед Јорабчијан важи за лидер на автомобилската индустирија на Блискиот исток.
Иако не поседува професионална лиценца за менаџирање со играчи, Јорабчијан ги носи заслугите за неколку големи трансфери меѓу кои се оној на Тевез во Манчестер јунајтед, Маскерано во Ливерпул, Кака и Робињо во Милан и Рамирез од Бенфика во Челси.Неговото познанство со поранешниот сопственик на Манчестер Сити, Таксин Шинаватра му овозможува голем простор при преговорите со останатите клубови.
Работел како советник во Манчестер Сити и Њукасл, но поради ригорозните мерки на власта во Англија, ретко е присутен на Островот. Летово посредуваше при трансферите на Алекс и Менез од ПСЖ во Милан, а во скоро ќе се знае и иднината на Адел Тарабт кој е во сопственост на агенцијата на Киа.
Џонатан Барнет
Во светот на спортската агентура, Барнет влегол како менаџер на Ленокс Луис при неговото второ враќање во рингот. Посредувал при неколку помали трансфери во англискиот Чемпионшип, за во 2008. година да направи вистински „бум" со доведувањето на Ешли Кол од Арсенал во Челси.
За круна на неговата кариера се смета минатогодишниот трансфер на Герет Бејл од Тотенхем во Реал Мадрид, кога по долги натегања се стигна до сумата од рекордни 100 милиони евра!
Негови најпознати клиенти, освен Бејл се Џо Харт, Дарен Бент, Џејмс Милнер, Герет Бери, Фил Јагиелка и Ешли Кол кој пред неколку дена потпиша за италијанска Рома.