Пеп Гвардиола утрово во Италија: „Меси е најдобар играч кој сум го видел“

Прилично изненадно, најдобриот светски тренер на денешницата, по синоќешниот пораз од Арсенал (1:0), претпладнево се појавил на една конференција „Дијалози за талентот“ во италијанскиот град Кунео.

Пред полна сала, пред повеќе од 3.500 студенти, Пеп Гвардола со другите гости на настанот во Спортската сала во Кунео зборувал за талентот и одговарал на прашања поврзани со фудбалот.

Некој го прашал дали е вистина дека пред четири години го барал Јувентус? „Не, никогаш не ме барале. Дали би тренирал во Италија? Ми се допаѓа премногу, се јаде добро и доаѓам често на одмор тука. Во последно време не го следам многу италијанскиот фудбал но сигурен сум дека има многу талент, талент има насекаде“, рекол Пеп.

На прашањето дали е повеќе за резултат а не игра како Алегри или за игра како Де Ѕерби од Брајтон, Шпанецот кој освои огромен број трофеи со Барселона, Баерн Минхен и Манчестер Сити, вели:

„Ова е муабет уште од антика. Мислиш дека Алегри сака да победува а Де Ѕерби не? Алегри мисли да го победи на свој начин а друг на свој начин. Сите тренери сакаат да победуваат, никој не мисли само на убава игра и да каже дека не го интересира да победи. Никогаш не сум видел тренер кој не сака да победи или играч кој не сака да игра добро. Има само начини интерпетирање на фудбалот“.

ТАЛЕНТОТ ПОГРЕШНО СЕ РАЗВИВА

„Талентот не се развива дома на кревет со Инстаграм. Ако сакаш да бидеш фотограф, треба да направиш илјада фотографии, сфаќаш дека грешиш многу и одиш напред. Проблемот денес е што сите мислиме на она што го зборуваат другите а не она на што мислиме самите ние. Еден играч денес мисли дека одиграл одлично, ќе прочита некоја критика и оди дома натажен и обратно кога мисли дека одиграл лошо, ќе прочита нешто позитивно и оди дома среќен. Младите мора да мислат на своето мислење која што навистина важно.

Сакаш да играш фудбал? Играј многу. Ако седиш дома на социјални мрежи нема да успееш и многу е потешко.

ТАЛЕНТОТ Е ТЕХНИКА ИЛИ ТАКТИКА?

„Тактиката служи да им помогне на играчите да бидат подобри, но не е одделен од техниката. Тактиката е начин да се сфати дека сите одиме во иста насока, не е работа на естетика, туку во служба на играчите. И секогаш поклопува со пожтрвеноста“, вели Пеп Гвардиола чиј Сити синоќа го претрпе вториот пораз по ред во Премиер лига, нешто што не им се случило од 2018-та година!

ТОТЕНХЕМ МОЖЕ ДА ОСВОИ ПРЕМИЕР ЛИГА, БАЏО Е НАЈГОЛЕМ

На актуелни тема, Пеп Гвардиола зборувал денес за Тотенхем кој неочекувано е лидер во Премиер лига. „Екипата (Тотнем) има се за да победува. Слабо го познавам тренерот но екипата има квалитет да биде прва на табела“.

На прашањето за талент, Пеп го прашале да каже кој е најголем талент со кој играл?

„Сигурно Роберто Баџо! А како тренер го бирам Лео Меси. Тој е најголемиот што некогаш сум го видел. Првата импресија е како и последната за него. Марадона сум го гледал, но Меси го гледав во живо на тренинг, во потешкотии. Се случуваше да дојде од Аргентина преморен, да не го игра првиот дел од мечот, резултат 0-0. Ќе влезеше последните 20 минути и победувавме 3-0 со три негови гола. Марадона во свое време сигурно бил најдобар, но јас, жал ми е за сите други, но Меси е друга роба“.

Гвардиола се пошегувал и за Халанд:

„Заедничко со Меси им е чувството за гол, Меси беше повеќе плејмејкер но дај му топка близу шеснаесетник на пеналтик и гол е“.

9 октомври 2023 - 13:23