Пеп Гвардиола извади ново чудесно дете кое пред некое време собирало топки

Манчестер Сити на убедлив начин очекувано ја освои групата во Лига на шампиони, а раниот пласман во осминафинале му овозможи на Пеп Гвардиола да испроба некои нови клинци. Не само што му вратија маестрално туку и најавија дека првотимците ќе треба да се потат за да го сочуваат местото во тимот.

Дваесет годишниот Мика Хамилтон дебитираше за првиот тим на Манчестер Сити на гости кај Црвена Звезда во Белград и уште во првиот дел даде гол.

Тој доаѓа од школата на Сити а тренерот на младинците вели дека Мика е „уличен играч“ и дека таков дриблер ретко се гледа. Гол синоќа постигна и неговиот врсник Оскар Боб кој има 20 години и кој синоќа беше практично играч на мечот во Белград.

Гвардиола се реши на клупата да останат првотимците Кајл Вокер, Рубен Диаш, Јошко Гвардиол, Родри, Бернардо Силва, Хулиан Алварез, Натан Аке и Фил Фоден а некои од нив влегоа во игра во текот на мечот. На овој дуел Сити допатува без повредените Ерлинг Халанд, Џереми Доку и Кевин Де Брујне но клинците ја одработеа нивната работа.

ГВАРДИОЛА МУ ШЕПНУВАЛ ЕДНАШ ДА ПОБРЗА ДОДЕКА СОБИРАЛ ТОПКИ

Во септември 2017-та година Манчестер Сити го пречекал Кристал Палас. На тој меч имало една интересна епизода. Сити водел 5:0, имал 25:5 во шутеви, посед на топка 72% наспроти 28%, ама на Пеп нешто му фалело.

„Анализирајте ги првите половина час. Ние не бевме спремни. Можеби не може да држиш такво темпо сите 90 минути но се беше така бавно. Ако никој не приоѓа кон топката пет-десет секунди, треба некој да ја земе и да продолжи мечот. Играчите беа некако лежерни сите беа спори“, рекол Гвардиола.

Детето кое собирало топки а кое Пеп Гвардиола го укорвал бил 13-годишниот Мика Хамилтон. После шест години Хамилтон на вечерен тренинг разбрал дека утре ќе дебитира за првиот тим и тоа во Лига на шампиони на гости кај Црвена Звезда.

Самиот Мика Хамилтон се сеќава на таа епизода: „Тој ми зборуваше а јас само си мислев климај со глава и тоа е се“.

КАКВО БЕШЕ ДЕБИТО НА ТАЛЕНТОТ?

Мика Хамилтон е универзален крилен напаѓач кој најчесто игра десно крило но може да биде и зад центарфорите. Пеп Гвардиола прво против Лутон на гости го ставил Хамилтон на клуба а синоќа во Лига на шампиони тој заигра од старт заедно со 20-годишниот врсник и добар другар Оскар Боб.

Малиот Хамилтон се заблагодари со гол уште во 19’ минута. Избегна офсајд искусно и во манирите на Арјен Робен ја измрда противничката одбрана и шутираше силно за 0-1.

Хамилтон почнал да игра активно во Сити во тимот У-19 иако во клубот бил од свои девет години. Бил и на клупата за резерви со сениорите во Лига Купот со Њукасл и во Лига на шампиони со Јанг Бојс но не влегол во игра.

Тој со 20 години е капитен и најстар во младинскиот состав а сезонава на 11 меча има шест гола. Вкупно има 16 гола и 16 асистенции на 62 натпревари во академијата.

„Тој е уникатен играч, неговите квалитети се импресивни. Тој може да разавли во игра еден на еден без оглед што се случува на теренот“, вели Брајан Бери-Марфи, тренерот на младинскиот тим на Сити.

Интересно како мал Хамилтон можел да бира дали да тренира во Манчестер Јунајтед или во Манчестер Сити. Тој го одбрал Сити зошто татко му навивал за овој клуб.

Интересно вториот погодок за Сити на мечот во Белград беше дело на уште еден ученик од академијата на клубот, Оскар Боб кој има 20 години и е роден во Осло. Боб има четири настапи и еден гол за репрезентацијата на Норвешка а синоќешниот погодок во Лига на шампиони му беше прв за Сити. Тој дебитираше за првиот тим во септември годинава со Фулам во Премиер лига.

Во вториот дел во игра влезе и 18-годишниот Мамаду Сусохо кој дебитираше за Сити. Тој е во клупската академија на „граѓаните“ од 2017-та.

Само четворица англиски фудбалери може да се пофалат со гол на дебито во Лига на шампиони. Последен од нив беше Маркус Рашфорд на 19 години во септември 2017-та.

„Каков гол и каков натпревар! Многу сум среќен за него. Тренира често со нас и сме ги виделе неговите способности за еден-на-еден. Тој постигна прекрасен гол и се избори за пенал“, изјави Гвардиола за неговиот нов изум, Мика Хамилтон.

Пеп додаде уште и:

„Честитки за сите во академијата за изминативе години. Колку играчи дојдоа од таму, колку играчи продадовме што веќе играат во Премиер лига или во Чемпионшип и повеќе“.

За вториот млад кој постигна гол, Оскар Боб, тренерот на Сити вели:

„Не е лесно да се дадат шанси на ова ниво. Навистина е добро да се види како играат. Мислам дека Оскар е реалност. Топ-класа гол даде. Презадоволен сум од резултатот, од настапот генерално, од залагањето од секого, од тоа како сениорите им помогнаа на младите дечки“.

ЗАНИМЛИВОСТИ:

- Манчестер Сити стана прв англиски клуб кој победил на осум меча по ред во Лига на шампиони и воопшто во еврокуп.

- Со 20 години и 30 дена Мика Хамилтон стана петтиот англиски фудбалер кој постигнал гол на деби во Лига на шампиони. Претходно тоа беше Маркус Рашфорд во септември 2017-та против Базел на 19 години и 316 дена.

- Сити стана само трета екипа за која на еден ист меч во Лига на шампиони два гола постигнале играчи помлади од 21 година на нивниот прв старт во ова елитно друштво. Претходно тоа била Барса со Мотоја и Серхи Роберто против Бате Борисов во декември 2011-та и РБ Салцбург (на два пати, Халанд и Собослаи против Генк во септември 2019-та и Глух и Симиќ против Бенфика во септември 2023-та).

- Калвин Филипс го постигна својот прв гол за Манчестер Сити во неговиот 30-ти настап и воопшто во неговиот 51-ви натпревар вклучувајќи ги и игрите во Лидс Јунајтед. Последен пат дал гол против Кру во август 2021 како играч на Лидс, а синоќа во Белград даде погодок од пенал против Црвена Звезда.

Сити во сабота од 16 го чека меч со Кристал Палас во Премиер лига.

14 декември 2023 - 09:57