Баерн Минхен се зацврсти на врвот на Бундеслигата по победата на гостувањето кај најголемиот конкурент за титулата, но не е се така розово во тимот на актуелниот германски и европски шампион.
Пеп Гвардиола бил бесен откако во весникот "Bild" пред натпреварот со Борусија Дортмунд го прочитал стартниот состав на Баерн Минхен и неговите тактики за дербито.
Во весникот биле објавени детали од планот на Гвардиола за победа над Борусија Дортмунд, а тактиките биле базирани на долги додавања и брзо менување на играта.
„Ако сакате, ќе ве поканам на тренинзите за да не треба да ги контактирате моите фудбалери" им порачал Гвардиола на германските новинари.
Според шпекулациите, Гвардиола бил бесен на „кртот" и се заканил дека тој никогаш повеќе нема да заигра.
Информациите ги потврди и Карл-Хајнц Румениге според кого тренерот на Баерн Минхен имал разговор со тимот и ги предупредил играчите да не издаваат информации.
„Нема да спроведеме истрага, но би го советувал кодошот да престане за да нема проблеми", изјави првиот човек на Баерн Минхен.