Пандев заминува на Босфорот

Поранешниот капитен на македонската фудбалска репрезентација, Горан Пандев на крајот од преодниот рок најде нов клуб. Во пакет со струмичанецот во Галатасарај оди и неговиот тимски соиграч од Наполи, Блерим Џемаили.

Откако ги одби понудите на англискиот Лестер и некои клубови од Катар, Пандев денес потпиша 2 - годишен договор со екипата предводена од Чезаре Прандели.

Изоставувањето на Пандев од списокот на играчи за плејофот од Лигата на шампионите и од составот за денешното гостување против Џенова, значеше и крај на неговата авантура во Неапол.

Покрај стандардниот Игуаин и вториот напаѓач Мичу, некогашниот играч на Беласица, Лацио и Интер немаше доволно минутажа, по што беше прашање на време каде ќе ја продолжи кариерата.

Во Истанбул, Пандев доаѓа заедно со швајцарскиот репрезентативец со тетовско потекло, Блерим Џемаили.

Деталите од договорот сè уште не се познати.

Горан Пандев 13. години беше дел од најдобриот италијански фудбал. Во дресот на Лацио, Интер и Наполи се појави на 315 натпревари и постигна 74 гола, а најголем успех имаше со „нераѕурите“ со кои ги освои Лигата на шампионите, Серија А и купот на Италија.

31 август 2014 - 16:31