Пандев: „Мојот однос со Милевски е професионален, се надевам ќе нè однесе на Светско“

Во опширно интервју за Футмоб, најголемата македонска фудбалска легенда зборувал за разни теми од играчката и сегашната кариера каде во улога на раководител во ФФМ работи за подобро утро на македонскиот фудбал.

Горан Пандев не доби официјален проштален натпревар иако и самиот вели дека не сакал такво нешто макар не за сега. Тој во Холандија на последниот натпревар од историското прво Европско првенство за Македонија доби неверојатен шпалир од сите фудбалери на двете репрезентации и громогласен аплауз на „Амстердам Арена“.

„Никогаш не сакав проштален натпревар за да се одбележи крајот на мојата кариера, затоа што шпалирот што го добив од соиграчите на мојот последен натпревар за Македонија на ‘Јохан Кројф Арена’ беше најубавото нешто што ми се случило“, започна Пандев.

Меѓу другото Горан Пандев отворено зборувал и за односите во македонската репрезентација која при претходната селекторска смена не беа баш идеални.

Пандев беше во конфликт со претходното раководство на ФФМ и со сегашниот селектор Благоја Милевски кого во неколку наврати јавно го критикуваше.

„Би го опишал нашиот однос како професионален. Тој е актуелен селектор на репрезентацијата и новата управа предводена од претседателот Омерагиќ му ја даде целосната поддршка. Исто така, тој ги започна квалификациите за СП 2026 добро и се надевам дека ќе не израдува и ќе не одведе на наше прво Светско првенство. Но, тој сам си ја креира судбината, бидејќи резултатите се огледало на работата на селекторот и му посакувам среќа“, порача Пандев.

Најтрофејниот македонски фудбалер после Горан Пандев, Стефан Ристовски летово заминува од Динамо Загреб каде веќе му истече договроот а не добил понуда за нов.

Ристовски кој едно време беше капитен на репрезентацијата после Пандев, по дебаклот 7:0 од Англија на „Вембли“ реши да се повлече од репрезентацијата а од тогаш и неколку пати индиректно да го критикува селекторот Милевски.

Пандев вели дека Омерагиќ разговарал со Ристовски.

„Се јавив на Стефан уште во декември минатата година, веднаш по промената на раководството и разговарав со него, а имаше и средба помеѓу претседателот Омерагиќ и него, иако јас не присуствував на таа средба. Му кажав дека и јас имав слични дилеми кога одлучив да се повлечам од репрезентацијата во 2014 (од ноември 2014 до октомври 2015), но Стефан има поинаков став бидејќи тој се повлече по срамниот пораз од Англија, и тоа е негова одлука и мораме да ја почитуваме. Тој е искусен фудбалер и зрела личност кој беше капитен и кај нас и во Динамо Загреб, верувам дека сè уште може многу да придонесе за репрезентацијата бидејќи продолжува да игра на високо ниво. Наша обврска беше да разговараме со него, но конечната одлука е негова“, потенцираше македонската фудбалска икона.

Via 

„За да играм за Македонија менував четири авиони, децата од дијаспората не сакаат“

4 јуни 2025 - 08:18