Ново интервју со капитенот, овој пат шаренолико за официјалниот канал на Џенова. За животот покрај море, запознавањето со Надица, улогата на татко, спомените од детството па сè до најубавите голови и врвните успеси со Македонија. За иднината вели дека е нерешителен.
Во Џенова живееш 6 години, но си бил ли толку блиску од светилникот?
- Не, прв пат доаѓам. Навистина е многу убав и спектакуларен.
Твојата убава земја Македонија не излегува на море, но сигурно и вие имате некаков симбол, нешто слично како светилникот за нас Џеновезите.
- Македонија е земја на планини и има многу убави нешта. Во мојот роден град има симбол како што е овој светилник во Џенова. Се вика Св.Илија, не е голем колку светилников, но сепак ни значи многу на нас кои сме од Струмица.
Како ти е на море, навистина од кај тебе дома се слуша звукот на брановите?
- За среќа најдов куќа блиску до море и таму сум веќе пет години. Секое утро ги слушаме брановите и делува релаксирачки, не само за мене, туку и за моето семејство. Џенова е многу убав град, има и други убави работи. Убаво ни е тука и ова за мене е втор дом.
Многу места во твојот фудбалски пат излегуваат на море. Тука мислам на Специја, Анкона, Наполи, Истанбул и се разбира Џенова. Имаат ли според тебе нешто заедничко сите овие места?
- Па да, секој град има нешто свое. Веќе се навикнам да бидам покрај море. Климата помага и има многу сонце.
Роден си на 27 јули 1983 во Струмица, каде ја запозна и твојата сопруга Надица. Раскажи ни нешто за твојот град Струмица?
- Роден сум во мал град од југот на Македонија кој има 40.000 жители и сите се знаеме. Со Надица сме заедно од 15 години, заедно пораснавме, создадовме семејство и сме многу среќни. Сигурно дека и тие се заслужни за тоа што го направив во кариерата.
Кој ти е најубав спомен од детството?
- Мајка ми сакаше да одам во школо, ама мене тоа не ми се допаѓаше. Ја сакав само топката и секој ден бев надвор на фудбал. Најубаво и најзабавно беше кога игравме на бетон како деца.
А спомен кој не ти е баш убав?
- Можеби тоа што бев далеку од семејството, затоа што моите родители не сакаа да се преселат тука. Сакаа да останат таму каде што се родени и растени. Можеби ќе беше поинаку ако дојдеа и тие тука да живеат. Ми недостасуваат фамилијата и пријателите, но тука сум долго време и веќе сум навикнат.
Како ја освои Надица?
- Надица живееше веднаш до мојот најдобар другар со кој игравме како деца фудбал. Таа ме видела и му кажала дека сака да ме запознае. Јас бев толку болен по фудбал, што не ме интересираа ни женски. Во глава ми беше само фудбалот. Но потоа се запознавме и почнавме да се гледаме. Јас заминав за Италија, а таа остана да го доврши факултетот. Потоа почнавме да живее заедно во Италија и пред 12 години се венчавме.
Имате три деца, Филипо, Ана и Софија. Каков татко е Горан?
- Татко кој нон стоп патува со клупски и репрезентативни натпревари. Кога сум дома, сакам да сум со нив. Сите тројца се родени во различен град. Филипо во Милано, Ана во Неапол, а Софија во Џенова.
Колку шишиња со млеко си им направил и колку приспивни песни си им пеел на децата?
- Искрено малку, не се сеќавам колку точно, ама малку. Повеќе ми текнува на головите, отколку на шишињата со млеко. Убаво ми е кога сум со нив, ама не и кога треба да им ги собирам играчките.
Кои ти се трите најубави голови?
- Уффф. Еден тука против Верона со лоб. Еден за Лацио против Јувентус во Торино кога издриблав играчи како Канаваро, Турам и Зебина и му дадов гол на Буфон. И еден за Наполи против Јувентус. Има и други, ама сега не се сеќавам.
Што читаш во очите на децата кои се дел од твојата школа Академија Пандев?
- Кога одам дома ги посетувам. Има повеќе од 300 деца и горд сум кога ги гледам како се забавуваат и се среќни. Пораснав во сиромашна земја. Претходно бевме дел од Југославија каде имаше војна и тешкотии. Сега кога ги гледам сум пресреќен.
Кои се твои предности и слаби страни?
- Слаб сум во играта со глава, а силни страни ми се техниката и асистенциите. Повеќе сакам да правам асистенции отколку да давам голови.
Што значи за тебе носењето на капитенската лента за Македонија?
- Голема одговорност, бидејќи да се биде капитен на својата земја е многу важна и одговорна работа, а исто така и голема чест.
Веруваш во важноста на вакцините против Ковид?
- Да, треба сите да се вакцинираме и така ќе бидеме по мирни. Гледам многу уплашен народ кој не знае што да прави.
Во фудбалот има и чуда. Веруваш во чуда?
- Да, верувам, но повеќе верувам во работата што ќе ја оствариме. Чуда се прават, ама не секогаш.
Има еден убав филм кој се вика „Победата на Берна“ во кој се зборува за победата на Германија која после војната го победила фаворитот Унгарија на Ференц Пушкаш. Си го гледал?
- Не, ама сум слушнав дека е многу добар.
Сега има ново чудо, она во Дуисбург. Што значеше за тебе и за Македонија победата против Германија?
- Уште не ни се верува што направивме. И тоа ги победивме на нивни терен, а 20 години немаа пораз во мундијалски квалификации. Не беше лесно, ама како што кажав ниту ние, ниту луѓето ниту во Македонија дека успеавме да ги победиме.
Ја однесе Македонија на Европско. Сонуваш ли дека ќе стигнеш и на Светско првенство?
- За мене сега е важно да одиграме добро на Европско. Знам дека сум на крајот на кариерата, но на крајот успеав да стигнам до ЕП. Сега сакам да уживам во моментот, а потоа ќе видиме што ќе се случува.
Каде се гледаш во иднина?
- Тоа е проблемот, што искрено не знам. Нерешителен сум што да правам. Сигурно дека после завршувањето на кариерата сакам да му се посветам на семејството бидејќи имав малку време за нив и да одиме на одмор. Потоа ќе видиме, мислам дека ќе останам да работам нешто во фудбалот, бидејќи тоа е единствената работа што знам да ја правам.