Тешко дека има спортски медиум што не ја посакува нашата легенда во интервју, а ниту па има таков кој не пишуваше за импресивниот Пандев и неговиот шлаг на тортата на крајот од кариерата, а тоа е пласманот на ЕП 2020.
Но јунаците на Мрме појаснија дека тоа не е јаготката и неколку месеци подоцна го треснаа 4 кратниот светски првак Германија. Уште еден повод плус Gazzetta.gr да побара интервју од капитенот.
Го најавија дека е без сомнение најдобриот фудбалер кој се појавил во Македонија и го прашуваа за повеќе теми. На почеток се разбира за историскиот пласман на Европско.
- Никогаш не верував дека мојата репрезентација ќе ја видам на голем настан. Ниту на 37, ниту на 38 години. Но, како човек верувам во судбина во животот и судбината сакаше тоа да се случи. Имам играно за многу тимови, имам видено многу, имам освоено сè од титули. Но, да победуваш со твојата репрезентација не се споредува со ништо. Ги давав сите освоени трофеи за да одам на Европско со репрезентацијата. Се сеќавам што се случи по натпреварот со Грузија, пласманот беше сигурен. Беше како да освоивме Европско, а ние само успеавме да се пласираме. Не беше лесно, но насмевките на моите сонародници се најдоброто нешто што ми се случи во кариерата.
Пред недели, Пандев и неговите соиграчи фрлија уште една “бомба“. Ја победија Германија на гости 1:2.
- Ноќта во Дуисбург е историска. Да ви кажам право и по две недели не можам да поверувам. Германија 20 години немаше загубено во мундијалски квалификации, а ние успеавме. Господ не посака, што да кажам друго.
Може ли да повторите нешто слично од она на Грција во 2004-та?
- ЕП 2004? Како можам да го заборавам? Таков е фудбалот, кога веруваш во себе ќе биде награден. Не знам дали Македонија може да направи такво изненадување, но ќе ви кажам како сега се осеќам. Одиме на ЕП и немаме апсолутно што да загубиме. Можеме да им ставиме пречки на сите репрезентации од групата.
Кој е првиот збор на кој помислува Горан Пандев кога го слуша името Грција?
- Одмор. Живеев во Струмица, кога е блиску од Грција и секое лето одев на убавото грчко море. Грција ме асоцира на лето и море.
Твоето име се поврзуваше со многу екипи од Грција, па која е вистината?
- Не знаев дека за мене се пишувало толку многу во грчкиот печат. Ќе ви откријам дека кога бев млад, пред да заминам во Интер бев многу блиску до Олимпијакос. Но, претседателот на мојот тогашен тим Беласица го расипа трансферот. Пред неколку години бев во преговори со ПАОК, кој многу сакаше да дојдам, но години сум во Италија, моето семејство се чувствува добро тука и решивме да останеме.
За Камбјасо, Мурињо, Георгатос и Карагунис.
- Тројната круна со Интер беше импресивна со најдобриот тренер во светот, Мурињо. Тој ми е како татко, ме научи на многу работи не само за фудбалот, туку и за животот. Камбјасо беше тренер на местото на тренерот. Тој беше тренер на теренот, секогаш даваше инструкции и сигурен сум дека ќе стане добар тренер. Фантастичен човек. Георгатос и Карагунис ги паметам кога играв во Интер Примавера. Ги гледав како идоли. Како млад тренирав и со првиот тим и тоа беше неверојатно.
За односите меѓу двете соседни земји и проблемот со името.
- Не знам ништо за политика и не се разбирам ништо, затоа нема да зборувам ништо. Јас сум човек кој сака фудбал. Ги сакам добрите фудбалери, без разлика дали се од Италија, Грција или Македонија. Никогаш не ми се допаѓала политиката. Знам дека зборуваме за два народи кои се слични. Им посакувам на Грците, како и на моите сонародници да и ставиме крај на оваа пандемија и повторно да се најдеме заедно.
Дали навистина ќе ги закачи копачките на клинец после ЕП?
- Се чувствувам добро иако одам накај 38 години. Без оглед колку се трудам, не ми останува уште многу време. После ЕП можеби ќе престанам, но ќе зборувам со претседателот и тренерот па ќе видиме.