Српската фудбалска јавност е бесна поради резултатите на Србија на Мундијалот, бидејќи отпатуваа со големи амбиции, а не успеаа да добијат ниту еден натпревар.
Пикси и фудбалерите се на мета на големи критики, но Дарко Панчев во интервју за Спорт Клуб ја смирува топката.
Тој нотира некои грешки кои се направени во Катар, но смета дека можат да се поправат без да се менува селекторот.
„Неуспехот на Србија? Да, неуспех. Сепак, јас не сум од оние кои гледаат на сè црно, овој српски тим не заслужува премногу критики. Велам, екипа, бидејќи мислам и на стручниот тим и на играчите. Да не заборавиме дека во последните две години беа постигнати забележителни резултати, играа добро, имаше натпревари кога играа фантастично, и како сега одеднаш се зборува и пишува како ни струката, ни играчите немаат поим? Во секој случај, нешто се случи во Катар, се вплеткаа проблеми, Пикси наведуваше дека имало многу повреди и дека поради тоа поединци не можеле да го дадат својот максимум. Му верувам, но секако и тоа е за анализа и се поставува прашањето: зошто не играа тие што се 100% спремни? Можеме да се движиме во таа насока, никако да не фрламе дрва и камења по тимот, на работата на тимот, да ги замениме побрзо и подобро... Всушност, неопходна е промена, но промена на балканскиот менталитет. Зарем секоја втора година ќе го менуваме селекторот? Пикси мора да остане уште најмалку четири - пет сезони, да го задржи постоечкиот стручен штаб. Се сеќаваме на смената на Славољуб Муслин, кој со Србија се пласираше на Мундијалот во Русија и потоа...Цела Европа се смееше. Ќе повторам: Пикси заслужува доверба за нови радости на фудбалската нација. Што се однесува до грешките, сè она што се случи во Катар, ќе има прилика да се поправи и да оди во историјата“.
Грешките на Србија
„Капацитетот на Србија на СП беше значително поголем од она што беше демонстрирано. Не може да се зборува за една, туку за серија на грешки. Не е крив еден играч, туку имаше грешки во низа. Се случија одредени работи кои не се вообичаени за сите нас кои пратиме фудбал. Би оставил на стручниот штаб да објасни зошто сè така се одвиваше. А дека имаше нелогичности, имаше, посебно после водството над Камерун и Швајцарија. Внимавајте, Швајцарија поведе во 48 минута и нивните играчи се вратија во средина. Прашањето е зошто Србија не го направи тоа на 2:1 во 43 минута кога направи пресврт?“
Одбраната
„Што да кажам? Тоа беше попроблематичниот дел од тимот, осум примени голови. Нешто не функционираше. Во принцип не сум за одбрана со тројца стопери, повеќе сакам да видам два добри бекови кои затвораат, кои учествуваат во играта, но секој тренер има своја идеја и тоа треба да се почитува. Се испостави дека Костиќ и Живковиќ немаат навика и моќ да ги затворат сите оние полуконтри, се повторува сликата со дупките на тој простор, а да имаше бекови кои би стигнале на време, проблемот би се решил побрзо и подобро. Не чуди што се редеа шанси. Србија наивно прими голови, особено кога правеше офсајд замки. Имаше простор колку сакаш и противникот влетуваше од сите страни. Жал ми е за голманот, дечкото бранеше одлично“.
За играчите од среден ред
„Сите се добри, но корпулентни, високи, немаат голема брзина, така што полуконтрите кои ги прават делуваат некако бавно. Неопходни се ниски играчи кои се многу побрзи со топка. На тоа треба да се работи, бидејќи секој што има такви играчи во средниот ред игра многу побрзо од Србија“.
За физичката подготвеност
„На некои места се споменува физичка подготвеност? Чудно ми е што се коментира за кондиција во фаза кога сите играчи се во напредна фаза од сезоната, кога се во ритам. Друго е кога зборуваме за оние репрезентативци кои се повредија и не тренираа доволно, но, генерално... Момците дојдоа од првенства каде одиграа барем десет натпревари. Сè е јасно“.
Издвојување играчи
„Фудбалот е колективен спорт, не би истакнал кој е најдобар, а кој најслаб, кога цела нација очекува многу подобри резултати. Ова е целосен, тимски неуспех и на играчите и на стручниот штаб, сето тоа мора да се прифати и да се тргне по нов пат, за да се исправи она што беше погрешно. Потребна е поддршка, за неколку месеци почнуваат европските квалификации каде се треба да си дојде на свое место и конечно по којзнае колку години Србија да се пласира на завршниот турнир. Со среќа!“
Фаворити
„Пред стартот реков дека главни фаворити се Бразил и Франција, кандидати се и Аргентина и Португалија. Би сакал Меси да го подигне пехарот, но по она што го видов на средбата со Австралија, ќе биде тешко, Аргентина не игра на нивото како некој што цели кон титулата“.