Овде уште мајстори кречат, ти сакаш Ливерпул да го гледаш

„Луѓе за два месеци куќа градат, а они не можат едни соблекувални да реновираат“, отворено изјави тренерот на Елиф Елмас и Наполи. Тимот од југот на Италија ја почна сезоната со две последователни гостувања поради тоа што на стадионот им ги реновираа соблекувалните, тушевите и столиците.

Во меѓувреме претседателот на Наполи, Аурелио Де Лаурентис се пожали дека и покрај тоа што ги спуштиле цените на влезници, и натаму продажбата во еден Бари кој игра во трета лига е повисока од онаа во Неапол кој има вицешампион на Италија кој настапува во Лига на шампиони.

Интересно во целата ситуација е што стадионот „Сан Паоло“ е под надлежност на градот. Де Лаурентис имаше неколку обиди да го купи, но неуспешно. Сега постојано со години се спорат околу тоа кој е крив за катастрофалната состојба на стадионот изграден уште во 1959 година.

Еве ги соблекувалните на Наполи на 60-ина часа пред мечот со Сампдорија:

„Видов во каква состојба се соблекувалните на Сан Паоло. Немам зборови. Го прифатив барањето на клубот да ги смениме домаќинствата за првите две средби надвор од дома за да може работите да бидат завршени на време како што беше ветено. Каде да смениме сега место за Сампдорија и Ливерпул? Шокиран сум од некомпетентноста на луѓето за оваа работа. Како може регионалните, општинските, градските комесари да го пробијат рокот кој го ветиле: Ова е непочит кон градскиот клуб. Шокиран сум“, рекол Анчелоти за клупскиот сајт на Наполи. 

 

Од друга страна, Газета дело спорт ја контактирал архитектката Филомена Смираља која рекла:

„Јас сум збунета од изјавата на Анчелоти. Имавме посета во соблекувалните од потпретседателот на Наполи Едоардо де Лаурентис кој ја пофали работата пред работниците“.

Но клубот одново покажа во каков однос е со градските власти и одговори: „Наполи демантира дека Де Лаурентис ја пофалил архитектката Филомена Смираља за изведените работи во соблекувалните на Сан Паоло“.

Карло Перего од градот Типиесе кој е задолжен за надзор, рекол: „Не доцниме, сè е во ред, на време сме со договорените рокови“.

12 септември 2019 - 11:32