Осимен веќе година ипол игра со маска и даде 30 гола, во Неапол веќе стана култ

Наполи ја игра најдобрата сезона уште од времето на Марадона. Неколку години по ред тимот од југот на Италија е при самиот врв во лигата но никогаш не успеа се избори до крај за скудето. Овојпат веќе спремаат терен за големи прослави.

Виктор Осимен е главна ѕвезда на Серија А. Шпицот на Наполи со 19 гола е лидер на листата на стрелци, а веќе година ипол игра со заштитна маска на лицето.

Оваа маска се користи во фудбалот за заштита на веќе повредено или чувствително место на лицето. Со таква маска на последното Светско првенство играа Јошко Гвардиол и стоперот на Наполи Сон Мин, а претходно ја носеа и Рамос, Де Брујне, Левандовски, Рудигер и многу други.

Оваа маска се прави по нарачка, со индивидуални димензии, од карбонски влакна, материјал кој се користи во производство на некои елементи од болидите за Формула 1. Лесна е и издржлива и не предизвикува нелагодност.

Има разни видови на заштитни маски: за заштита на носната коска (околу 390 евра), има за заштита на черепот (околу 450 евра). Постојат и маски за заштита на вилица, на чело, на брадата. Заштитна маска обично се користи за опоравок после незгода и со нејзина помош играч може поскоро да се врати на терен. Помага во спречување нови повреди, не ја отежнува старата и генерално ги ублажува ударите.

Обично оваа маска се носи околу месец дена, но случајот на Нигериецот Осимен е единствен. Голгетерот на Наполи не ја симнал повеќе од една година. И за тоа време успеа да ја направи маската негов заштитен атрибут, своевиден симбол. Како Едгар Давидс со наочарите на времето.

ШЕГА НА СТРАНА, ОСИМЕН ЈА НОСИ ЗАШТИТНАТА МАСКА ПОРАДИ ПРЕТХОДНА СТРАШНА ПОВРЕДА

Виктор Осимен тешко се повреди на мечот со Интер во ноември 2021-ва. Во 50’ минута при резултат 1:2, центарфорот влезе во снажен дуел со силниот стопер на Интер, Милан Шкриниар и го расече лицето.

Поради таа повреда Нигериецот отсуствуваше до крајот од годината и го пропушти Купот на Африка.

Лекарите му дијагностицирале прелом на черепот и глазницата. Го оперирале и му ставиле дури 6 плочки и 18 штрафови за фиксирање на коските. 

„Виктор има серија скршеници. Изгледаше како главата да му е под пресија. Окото му излегуваше од очната глазница. Се беше премногу тешко, деликатна ситуација поради компресија на орбитата и виткање на зигоматичната коска која скоро да беше унишена. Разни скршеници, не само на черепната коска, доведоа до компликации.

Операцијата траеше околу три часа, требаше да го сечеме лицето на три места. Сега треба да носи специјална маска за секој случај. Сфатете дека ова ништо не е банално, таму има неври и се е многу сложено. Да видиме како ќе се развива ситуацијата“, рекол хирургот Џанпаоло Тартаро во интервју за Corriere dello Sport.

Зборовите на докторот звучеле навистина тревожно, а после неколку месеци кога се опоравил, Тартаро споделил уште поужасни детали. Се испоставило дека ако орбиталната коска малку се продвижела, би можел да го изгуби видот.

„Оваа коска можеше да предизвика и други проблеми, но за среќа некои фактори ни одеа во прилог и окото се врати во глазницата“, рекол докторот Тартаро.

„Беше како пред смртна повреда“, се сеќавал Осимен подоцна на страшната епизода. „Имам 18 штрафа во вилицата. Кога стигнав во болнциа, му реков на докторот дека мислам дека би отсуствувал две недели. Но се испостави дека сум имал многу скршени коски. Некои морале да се отстранат па вратат назад. Имав многу непроспани ноќи. Не можев да јадам ни да пијам од болки. Но јас сум лав. И си го знам својот карактер“.

СМЕНИЛ ДВЕ МАСКИ, ПРВАТА МУ БИЛА ПОТЕШКА ЗА НОСЕЊЕ

Доктор Џанпаоло, стручњакот кој го оперирал Нигериецот го предупредил дека не смее да дојде до опуштање. Мал удар, ситна повреда би можела повторно да го врати во операциона сала.

Му спремиле маска за побрзо да се врати на тренинзите. Првата маска му го прекривала речиси третина од лицето. Тој брзо закрепнал и веќе на 17 јануари 2022-ра заиграл со Болоња. Со маска.

На крајот од јануари лани пак бил на преглед. Докторите му констатирале дека коските сраснуваат, а отоците веќе ги нема. Затоа му советувале нова заштитна маска: му дале полесна, скратена на врвот и на дното, со поголем простор околу очите. 

ТОЛКУ СЕ НАВИКНАЛ ШТО НАБРЗО МУ БИЛО ПОДОБРО СО МАСКАТА

„Маската на Виктор му предизвикува некои потешкотии, но му дозволува да игра. Секако, тој ќе ја носи до крајот на февруари, а после дополнителни прегледи ќе одлучиме дали може да ја извади или да продолжи да ја носи во март“, рекле докторите од клубот.

Но ни во март ни после цела една година Осимен не ја тргна маската, иако веќе повредата е минато и целосно закрепнал и се опоравил.

„Виктор во целост заздраве. Но се уште ја носи маската поради чувство на сигурност. Повторувам, тој е опоравен. Но самиот сака да ја носи маската. Додека не се чувствува скроз сигурен, нема да ја симнува. Ни порано ни подоцна“, рекол главниот доктор на Наполи.

И како некое чудо, парадоксално, Осимен блесна со маската на себе. Постигна 30 гола на 45 меча со неа на лице! А ја вади само кога дава голови.

НЕАПОЛ Е ЛУД ПО МАСКИТЕ КАКО НА ВИКТОР, ГИ ПРОДАВААТ ОД УЛИЧНИ ПРОДАВАЧИ ДО ЕЛИТНИ БУТИЦИ

Неапол живее за својот клуб. А во овој град има и претприемчиви луѓе. Фудбалски дресови, маици, блузи, разни предмети има на секој чекор.

Па така се појавила и маската на Осимен. Може да се купи на секој уличен агол. Секако, не оригинална како неговата со јаглеродни влакна туку од обичен попрост материјал.

Креативни се покажале и едни кулинарски мајстори кои направија специјална торта како бојата на косата на Осимен и неговата маска со неговиот број 9.

Нигериецот инаку имал страшно тешко детство за кое раскажал во неколку прилики. Растен е во предградие на главниот град на Нигерија Лагос, буквално на ѓубриште, на самиот градски отпад каде преживувал со браќата и сестрите. И сонувал еден ден да стане фудбалер.

Сега го води Наполи со многу голови и асистенции до прва титула после онаа со Марадона која толку се чека во градот под Везув. А одлично им оди и во Лига на шампиони каде ја отворија вратата од четвртфинале.

Растел на депонија, барал копачки на отпад, а сега е класа голгетер во Европа

Зошто Италија не ги пушта најбројните германски навивачи во Неапол?

Во Неапол владее Викторманија

15 март 2023 - 14:29