За тоа што денес значи Виктор Осимен за неверојатниот Наполи кој растура во Лига на шампиони и во домашното првенство со една рака веќе го фати пехарот наменет за шампион, говорат и изјавите на Давид Трезеге и Алесио Дионизи.
„Сите сакаат да го потпишат Виктор Осимен. Прекрасен современ напаѓач кој идеално знае како да се движи во шеснаесетник и надвор од него“, вели некогашниот расен голгетер Давид Трезеге, а тренерот на Сасуоло Дионизи додава: „Против Осимен е практично невозможно да се браниш. Ако играш со низок блок, тешко е да го следиш. Ако се браниш високо, тој го користи пространството зад грбот на стоперите“.
Некогашниот фудбалер на Ливерпул Дон Хачисон во разговор за ЕСПН вели: „Ова момче игра на светско ниво! Ниту еден центарфор не игра таков фудбал. Зошто Манчестер Јунајтед не го купи? Зошто Ливерпул го купи Дарвин Нуњез а не него? Осимен е најдобар шпиц во светскиот фудбал!“
ОСТАНАЛ БЕЗ МАЈКА, А ТАТКО МУ ОСТАНАЛ БЕЗ РАБОТА, ПА ВИКТОР И СИТЕ ДРУГИ ШЕСТ ДЕЦА МОРАЛЕ ДА РАБОТАТ УШТЕ ОД МАЛИ
Депонијата Олусосун е една од најголемите на светот и најголема во Африка. Секој ден тука пристигнува до 10.000 тони ѓубре. Некој отпад го третираат со хемикалии со цел да се извлече материјал кој може да се преработи, а тој процес ослободува токсични, отровни испарувања.
Уште пред 12 години отпадот Олусосун се наоѓал надвор од градот Лагос, но населението се зголемило двојно (сега во агломерација живеат околу 21 милион жители), па отпадот практично се нашол меѓу живеалишта.
На територијата на Олусосун има неколку илјади домови кои тешко е да се наречат домови. Таму растел Виктор Осимен.
„Во местото каде растев не постои надеж. Таму никој нема да ти каже дека верува во тебе. Фудбалот стана единствена надеж на достоен живот за мене и моето семејство. Ако ги прашате мештаните што мислат за семејството на Виктор, би ви кажале дека не очекуваат ништо добро за нив. Среќен сум што испадна така. Научив да бидам отпорен и да верувам во себе. Видов колку му беше тешко на татко ми.
Моето детство беше тешко за разлика од другите деца кои можеби уживаа во детството. Отидов од дома како многу мал. Живеев меѓу сообраќајните гужви во Лагос и прифаќав секаква работа: косев трева, носев вода за комшиите, ги извршував сите нивни наредби. Во моето детство немаше ништо што ми се допадна“, раскажал Виктор Осимен во едно интервју.
Кога имал 6 години останал без мајка му која починала. После три месеци татко му го избркале од работа во полицијата. Децата морале да се снаоѓаат кој како знае и умее, па и Виктор, најмалиот од сите деца.
„Ја изгубив мајка ми во октомври. Толку бев мал што дури не ни се сеќавам во која година. После три месеци татко ми остана без работа. На моето семејство му беше многу тешко. Еден од браќата продаваше спортски весници, сестра ми продаваше портокали, а јас шишиња со вода на улиците на Лагос. Мораше да се преживее и се сплотивме.
Вечерта се собиравме заедно и ги стававме сите заработени пари на маса, а после и ги дававме на најстарата сестра која ни готвеше. Борбата беше дел од мојот живот. Но благодарение на тоа станав тоа што сум денес“, ја раскажува Осимен својата страшно тешка судбина.
Тој заработувал од продажба на вода, но и чистел канализација, чистел кај соседите.
„Сè почна со сонот. Сакав да станам професионален фудбалер и ме инспирираа легенди како Дидие Дрогба, Один Игало, Оби Микел и многу други. Кога станав професионален фудбалер, направив подвиг. Тоа е едно од моите најголеми достигнувања во животот.
Кога растев, за 20 наири чистев канализација кај човекот кој ни изнајми дом под кирија. Чистев кај соседите, им носев вода за 80 наири. Ја сакав таа работа зошто верував дека упорниот труд ќе даде плодови.
Свесно ги трошев парите и го помагав семејството. За да продавам вода и да заработувам, морав да трчам по колите на патишта. Мислам дека овие тешкотии ми помогнаа во животот. Благодарен сум му на Бога на тоа каде сум сега“, искрено раскажува Виктор Осимен, центарфорот на Наполи за своето детство.
Еден негов одговор во интервју ги шокирал новинарите и читателите.
„Во местото каде растев, луѓе живееа буквално на отпад. И ние со другарите секој петок или недела одевме таму да бараме чевли. Поминувавме таму многу време. Беше весело! Тогаш го сфаќавме тоа како игра, но кога ќе помислам сега... Тоа беше борба. Понекогаш се случуваше да најдеш десна копачка Најк, а после требаше да ја бараш и левата. А после ќе најдеш, ама Рибок. Сестра ми ми ги крпеше и добро ми стоеа“.
Сите знаеле како бедно живеело семејството Осимен. Од тоа дури и некој деца го навредувале на детски турнири.
„Едно дете од другата екипа за време на мечот ми кажа дека дома немам пари и дека татко ми проси кај мајка му. Јас се расплакав. Често плачев“, се сеќава Нигериецот во интервју за France Football.
„Нашето семејство беше едно од најсиромашните на цела улица. Понекогаш тие што им позајмуваа пари на татко ми и сестрите, се лутеа. Тогаш се криев во ќоше, плачев и го молев Бога за помош. Ако не играв фудбал, сигурно ќе станев продавач“, вели шпицот на Наполи за Independent.
Среќата го погледнала кога скаути од академијата Ultimate Strikers го приметиле како игра на улица.
„Татко ми мечтаеше да станам доктор. Но јас од рани години сонував за фудбал, зошто топката ме правеше среќен и ми помагаше да заборавам на тоа што ме опкружува. Дури и кога играв бос во Нигерија и помислував само како да преживеам. Тоа многу тежи кога си мал“, вели Нигериецот во интервју за Napoli Magazine.
Откако почнал да тренира во академијата, напредувал од ден на ден и со својот талент се двоел од останатите деца.
Првпат блеснал на голема сцена во 2015-та година, на Светско првенство У-17. Репрезентацијата на Нигерија ја водел некогашниот играч на Барселона Емануел Амунике кој го повикал 16-годишниот Виктор во репрезентацијата. Осимен дал 10 гола и имал 2 асистенции на 7 меча а Нигерија станала светски шампион.
Малиот Виктор станал најдобар стрелец на тој Мундијал и ја добил наградата „Сребрена топка“ за втор најдобар играч на Светското, зад неговиот соиграч Келечи Нвакали кој сега игра во шпанскиот второлигаш Понфердина.
„Во кариерата секој играч има решавачки, судбински момент. Тогаш сфатив дека животот ми се смени и дека ќе прејдам во некој европски клуб. На Светското У-17 ме следеа многу клубови: Барселона, Јувентус, Арсенал, Интер... Но јас сакав да созреам. За мене најважен беше развојот. Затоа решив дека Волфсбург е најдобра варијанта“, вели Осимен.
КОГА ТЕРИ ПРОМАШИЛ ПЕНАЛ ВО ФИНАЛЕ НА ЛШ, ОСИМЕН СИ ГО РАСЕКОЛ ЛИЦЕТО И СФАТИЛ ДЕКА САКА ДА СТАНЕ ФУДБАЛЕР
На девет ипол години Виктор Осимен го гледал финалето на Лига на шампиони меѓу Челси и Манчестер Јунајтед кое се играше во Москва.
„Не навивав ни за еден тим, но кога Тери промаши пенал, така се нанервирав што истрчав од кафулето, а во тој момент една жена отвори врата и бам! Ме удри директно во лице. Имаше многу крв. Цел бев расечен. Кога ме шиеа, помислив: „Никогаш нема да си простам себеси ако не станам професионален фудбалер со ваква страст кон фудбалот“.
ОД ПРВИОТ ДОГОВОР КУПИЛ ДОМ ЗА ТАТКО МУ
По првиот потпис на професионален договор, во богатиот германски Волфсбруг, Осимен мислел само како да го помогне семејството.
„Ништо не си купив за себе од тоа што го добив како бонус за потпишан договор. Веднаш му купив стан на татко ми во Лагос. Им праќав пари на браќата и сестрите. Сега сите се добри, се занимаваат со бизнис. Среќен сум што имаат се. Секогаш ме помагаа, затоа мислам дека е нормално што сакав да им го сменам животот“.
Но во Германија не му одело сè како што треба. За три сезони во Волфсбург одиграл само 16 меча и не дал ниеден гол.
Во оваа земја дошол на 18 години. „Беше тешко. Татко ми и брат ми беа со мене неколку месеци па се вратија во Нигерија. Се враќав после тренинг дома а таму нема никој. Многу празно. Ненавикнат на храната, нов јазик. Нов живот“.
Ситуацијата во клубот исто не била сјајна. Волфсбург постојано менувал тренери а Осимен работел со дури четворица. Екипата била на раб од испаѓање во втора лига, а Виктор и постојано се пворедувал. Пропуштил неколку месеци поради повреда на менискус, потоа фибула, па на крај и раме.
„Кога дојдов во клубот, Осимен трчаше кругови и кривеше. Во клубот брзо ми кажаа: немаме напаѓач. Овие што ги имаме се бескорисни. Ако погледнам назад сега, тоа не беше идеално решение“, се сеќава поранешниот спортски директор на Волфсбург, Јорг Шмадтке во интервју за kicker.
ВО 2018-ТА ЗАБОЛЕЛ ОД МАЛАРИЈА И МУ ПРОПАДНАЛЕ ДВА МЕДИЦИНСКИ ПРЕГЛЕДИ ВО БЕЛГИСКИ КЛУБОВИ
Одморот по сезоната 2017/2018 Виктор го поминал во Нигерија. Таму се разболел од маларија.
„Во Германија ме ставија во двонеделен карантин а после ми кажаа дека веќе не сум потребен во Волфсбург. Барав да ме пратат на позајмица, макар во трета или четврта лига. Ми требаше само да играм некаде“.
По маларијата Осимен толку ослабнал што не ги поминал медицинските прегледи во Клуб Бриж и Цулте Варегем. Но затоа Шарлоа ризикувал и решил да го позајми Осимен со право на откуп. За него платиле 3,5 милиони евра.
Нигериецот им заблагодарил со 20 гола на 36 меча!
„Знаете, има такви луѓе кои велат: Еј, него два пати го одбија во Белгија, тој не може ова, тој не знае тоа. Како беше добро кога им покажав колку погрешија. Играв за еден од најдобрите клубови во Европа, во една од најдобрите лиги во Европа. Се вратив и растурив. Затоа секој ден му заблагодарувам на Бога. Ако не го достигнев ова ниво, многумина ќе имаа причина да ме гледаат од висина. Но јас победив во овој жиувот. Ја добив битката против оние кои ме отпишуваа или ми сакаа неуспех. Многу сум му благодарен на Бога на тоа каде сум сега и мислам дека тој уште не завршил со мене“, раскажува Осимен.
НОВА АВАНТУРА ВО УШТЕ ПОГОЛЕМ КЛУБ, ВО ПОСИЛНА ЛИГА
После таква прекрасна сезона за Шарлоа, белгискиот клуб решил да го откупи од Волфсбург и веднаш го препродал во француски Лил за 12 милиони евра.
„Имавме попривлечни понуди, но Виктор сакаше да премине во Лил. Лил за него беше транзитна станица. Исто како и Шарлоа. Лил ќе го продаде и тој ќе стане нов рекорден трансфер на клубот. Мислам дека ќе биде поскап и од Пепе“, рекол директорот на Шарлоа, Мехди Бајат.
Во првата сезона за Лил Осимен имал 18 гола и 6 асистенции на 38 натпревари. Од Лил премина во Наполи кој за него плати страшни 75 милиони евра (не го урна рекордот на Пепе за кого Арсенал одвои астрономски 80 милиони евра).
„Многу ми е жал што мама не го виде мојот успех. Не го доживеа тоа зошто страдаше. Жал ми е за тоа. Мислам дека мама живее во мене. И среќен сум што татко ми е жив. Нему му ја должам цела слава“, вели Осимен во интервју за The Cable уште во сега веќе далечната 2016-та.
Неколку месеци по трансферот во Наполи починал и татко му. Кога клубот од југот на Италија објави дека официјално е потпишан договор, Осимен напиша: „Мама и тато се горди“.
А во Наполи Осимен пишува историја и го носи големиот клуб до толку сонуваното скудето кое во градот се чека уште од времето на Марадона. Виктор е прв стрелец во Серија А, најдобар центарфор во цела лига, а одлично му оди и во Лига на шампиони каде со Наполи се на прагот од големо четвртфинале.