Опасен старт за Пандев, Нестор и Елмас во Серија А

Излезе календарот за италијанскиот фудбалски шампионат кој го чекавме со душа, бидејќи ќе ги следиме настапите на тројца македонски репрезентативци. Мора уште на старт да бидат тип топ спремни бидејќи ги чекаат заебани битки.

Ќе почнеме од староседелецот Горан Пандев кој пред три дена наполни 36 години. За него ова ќе биде сезона број 16 во Серија А и најверојатно последна во кариерата. Има една во Анкона, 5 во Лацио, 2 во Интер, 3 во Наполи и ова му е петта во Џенова. Леџенд.

Стартува со тешко гостување на Олимпико во Рим против Рома, потоа ја пречекува Фиорентина, а во трето коло оди кај сензацијата број 1 минатата сезона, а тоа е Аталанта која на есен ќе дебитира во ЛШ.

На Илија Несторовски му паднаа два тешки натпревари во првите три кола. Во првото дома со Милан, во третото на гости со Интер. Меѓу тие два меча се среќава со Парма.

Елиф Елмас не можеше да има пострашен предизвик на старт. Почнува со две гостувања, прво со Фиорентина, а потоа знаете со кој? Јуве. Тежина на почеток му дава и третото коло во кое ќе ја пречекаат незгодната Сампдорија.

Тоа се само три од сите 38 кола кои ги чекаат нашите тројца претставници во елитниот италијански фудбал кој стартува на 25 август 2019-та, а завршува на 24 мај 2020-та.

Уште во првите четири кола ќе имаме привилегија да гледаме и две градски дербија. Во второ коло Лацио – Рома, а во четврто Милан – Интер.

Календарот на Серија А се враќа по старата шема како што беше до 2016-та. Тоа значи дека се укинува таканаречениот Боксинг деј кој се практикува во Премиер лига, а Италијанците го пробаа изминативе две сезони. Коло за католички Божиќ ќе нема, туку ќе има пауза од 22 декември до 6 јануари.

Вонредни кола во сред недела ќе има на 25 септември, 30-ти октомври и 22 април, а предвидени се четири паузи поради репрезентативни натпревари на 8 септември, 13 октомври, 17 ноември и 29 март.

 

30 јули 2019 - 10:58