
Околу 150 навивачи на Динамо Загреб се упатиле кон Атина преку Албанија, со цел да ги измамат грчките безбедносни служби чиј фокус бил на другите пофреквентни граници. Се претставувале како туристи.
Во Атина се сретнале со нивните долгогодишни пријатели од групата Гејт 13 која што го бодри Панатинаикос.
На препад од метро станица упаднале во квартот каде што се наоѓа стадионот на АЕК и таму направиле хаос при што со повеќе убоди од нож бил убиен и еден 29-годишен симпатизер на грчкиот шампион.
Притоа во тешка состојба е и еден 17-годишен Грк кој исто бил нападнат со тврди предмети (наводно со камен).
УЕФА одлучила да го одложи мечот од 3. коло меѓу АЕК и Динамо Загреб на неопределено време, а неофицијално ХРТ пренесува дека дуелот би можел да се одигра следната недела.
Утре се игра мечот меѓу Панатинаикос и Марсеј исто од квалификациите за Лига на шампиони а ден подоцна играат Олимпијакос и Гент во дуел за Лига Европа.
Во меѓувреме 82 хрватски хулигани се уште се приведени во полициските уреди во Атина.
Управата на АЕК експресно станала од состанокот со луѓето од УЕФА и со претставниците на Динамо Загреб, зошто наводно не сакале да имаат ништо и да не седат на иста маса со нив, пишуваат хрватски медиуми повикувајќи се на грчки колеги. Според последните вести, едно лице е загинато, најмалку осум лица се повредени од кои едно потешко и е во сериозна состојба, тројца се грчки државјани а пет хрватски како последици на жестоските судири кај стадионот на АЕК во Неа Филаделфија, предградието на Атина.