Крвава грчко хрватска пресметка во Атина, има и жртва

Еден убиен и 96 уапсени навивачи е билансот од жестоките судири меѓу навивачите на АЕК и Динамо Загреб во пресрет на дуелот од ЛШ на кој беше донесена забрана за гостински навивачи.

Навивачот на АЕК кој починал во инцидентите имал 22 години и бил прободен, а брзата помош го префрлила во болница каде лекарите се бореле да му го спасат животот.

Грчките медиуми пишуваат дека повредените навивачи биле распослани по креветите во ходниците, а вратите од операционата сала постојано се отварале и затворале.

Меѓу нив има и Грци и Хрвати, а претпоставките се дека и покрај забраната, над 150 гостински навивачи отпатувале во Атина. 

Навивачите на Динамо пристигнале во Грција со коли и биле забележани од полицијата, но потоа се распрснале низ град.

Газета пишува дека околу 23 часот дошле на стадионот на АЕК, ги нападнале навивачите со молотови коктели, палки и други предмети, а потоа пристигнала полицијата и почнала да апси.

Поради страв од нереди, УЕФА забрани гостување на хрватски навивачи во Грција на две средби. Втората е ПАОК - Хајдук.

 
8 август 2023 - 08:16