Одлична игра, добри резултати, заслужен напредок на рангот на ФИФА

Ако во март месец ги критикувавме дека се срам од невидени размери со рекордно најлошата 166-та позиција, сега мораме да ги пофалиме бидејќи се искачија на 85-та позиција.

Македонската фудбалска репрезентација бележи нов скок на најновата ранг листа на ФИФА и сега од 103-та во септемвриското рангирање, се најде на 85-то место.
 
Овој напредок се разбира, се должи на херојското реми на гости против четирикратниот Светски првак Италија и триумфот од 4:0 против Лихтенштајн во последните два квалификациски меча за СП Русија 2018.
 
Избраниците на Игор Ангеловски кои прикажуваат одлични игри и на последните четири мундијалски натпревари не загубија ниту еднаш, за 7 месеци успеаа да ја подобрат позицијата на рангот на ФИФА за 81 место.
 
2017-та година е најуспешната за сениорскиот репрезентативен фудбал, бидејќи Македонија има скор од 4 победи, 3 нерешени и само еден пораз од велесилата Шпанија. Годината ја заокружуваме со пријателски дуел против Норвешка на домашен терен на 11 ноември, која скокна 15 места и сега е 58-та.
 
Нашиот национален тим има квалитет за уште поголем напредок. Пред нас на рангот се наоѓаат Палестина, Тринидад и Тобаго кој скокна 16 места откако го шокираше САД, потоа нашиот противник од квалификациската група Израел, Есторија, Ирак, Бенин, Замбија, Сирија...
 
На првите шест позиции нема промени. Германија останува прва пред Бразил, Португалија, Аргентина, Белгија и Полска. Франција со напредок од една и Шпанија со три позиции, сега се на 7-мо и 8-мо место, а во топ 10 влегуваат уште Чиле и Перу.
16 октомври 2017 - 10:05