Фудбалскиот пат на Кристијан Бобо Виери

Од крадец на велосипеди до најголем Казанова во Европа

Во својата биографија Бобо Виери раскажува како ја пцуел жена му на Морати без да знае која е, колку пари изгубил на покер со Роналдо, за интимите со најубавите манекенки во Италија и за Ферарито кое му го купил контроверзниот Хесус Хил од Атлетико Мадрид.

УКРАДЕНИТЕ ТОЧАЦИ И ЌОТЕКОТ ОД ТАТКО МУ

Во детството трчал толку брзо и стабилно што на фудбал комотно можел да игра лев бек, но трчал од една друга, не баш така убава причина. Малиот Кристијан Виери бил шеф на бандата која што крадела велосипеди пред еден трговски центар во Сиднеј: Меѓу другарите кои чувале стража бил и Атилио, син на Тони Маркони сопственикот на тимот каде Кристијан Виери ја започнал кариерата.

Бобо го сечел или кршел синџирот и го возел точакот до гаражата на татко му, од каде понатаму ги продавале. Откако го воспоставил бизнисот, 13-годишниот Виери цели три месеци заборавал на школото. Размислувал ’зошто да студирам ако можам да заработувам вака’.

Кога ѕвонеле од школото дома кај него, Виери одговорил дека неговите родители не зборуваат англиски, дека работат по 15 часа и дека ако не заработуваат нивниот син ќе умре од глас. Учителката изненадена спуштила слушалка, а потоа го сретнала Макс, помладиот брат на Кристијан Виери.

„Англиски? Секако дека зборуваат. Телефонот на мајка ми? Повелете“.

Кога дознала дека Кристијан цели три месеци изостанувал од школо, мајка му побарала дозвола порано да излезе од барот каде што работела и пред доаѓање дома му се јавила на Кристијан да знае што го чека. Тој се преправал дека е исплашен и заспал со фармерки.

Посебен ќотек вечерта изел од татко му Боб Виери.

ЧУВСТВОТО НА ЛУЧАНО МОЏИ ДА ПРОЦЕНИ ИГРАЧ

По настапите за Јуве, Рома, Сампдорија и Торонто, Боб Виери се преселил со сопругата и синот во Сиднеј, каде станал шампион на Австралија и татко на уште едно машко дете, Масимилиано, идниот напаѓач на Наполи и репрезентацијата на Австралија.

Десет години по приземјувањето во Сиднеј, постариот син на Боб заиграл во нападот, го освоил јуниорскиот шампионат на Сиднеј и решил заедно со Пол Окон, синот на тренерот во Сиднеј, да замине за Италија.

Дедо му на Кристијан работел со младинците во тимот Прато каде двајцата дојденци од Австралија тренирале, но не добивале пари поради што Окон заминал за Бриж, а Виери отишол во Санта Лучиа. Сопственик на овој тим бил Роберто Бечери, татко му на Алесандро Диаманти, вицешампион на ЕП 2012.

После педесет меча за две години, Кристијан се нашол во Торино каде Лучано Моџи веќе ги собрал најдобрите млади играчи од Италија. Тренер во Торино му бил Розарио Рампанти кој играл со татко му на Виери во Болоња и Австралија. За место во тимот со Бобо се бореле уште и Сандро Којс и Џузепе Панкаро, идни репрезентативци на Италија.

Првиот меч од финалето на младинското првенство на Италија против Реџина завршил без голови, а во меѓувреме Кристијан дебитирал и дури и дал гол во Серија А. Пред реваншот на младинското финале во Калабрија, тренерот на Реџина Монтезанто изјавил: „Виери? Очекував многу повеќе од него. Ништо посебно не покажа“. Следниот ден Виери им дал три гола и Торино станал младински шампион на Италија.

„ТИ СИ БОБО ДРВО ОД ИГРАЧ“ И ПОВИКОТ ОД ЈУВЕНТУС

Патот го однел во Серија Б, но служењето војска и повредата му влијаеле на формата: два гола за шест месеци во Пиза. „Ти си дрво, сирово дрво. Подобро да го земевме Паоло Поџи од Торино, а не тебе“, му рекол сопственикот на Пиза, Анконетани после што Бобо заминува во Равена каде на еден меч против Палермо од Роберто Бифи добива лакт во глава поради што имал вртоглавица, повраќал, бил во болница.

Откако се опоравил на четири меча дал шест гола и го свртел вниманието кон себе.

После сезоната во Венеција, Виери стартувал во Аталанта: дал еден гол на првите три меча, но пропуштил третина од сезоната поради проблеми со коленото. Откако оздравел, со помош на новиот другар полушпицот Доменико Морфео дал неколку ефектни голови и пролетта му се јавил агентот Серџо Берти: „Те бара Јувентус. -Зошто, да собирам топки на тренинг?, се насмеал Виери.

Јуве тогаш само што освоил Лига на шампиони. „Моџи те памети уште од Торино, го продал Раванели во Англија и те сака тебе“, му рекол Берти.

На крајот Бобо Виери потпишал 5-годишен договор со Јувентус на 4 милијарди лири годишно и им се јавил на роднините во Прато: “Местете масите, ќе прославиме великодушно“, им викал Бобо по телефон.

ПРОБЛЕМИТЕ СО МАРЧЕЛО ЛИПИ И АМНЕСТИЈАТА

Иако му помогна на Јувентус да го освои Суперкупот на УЕФА и Серија А, и му обезбеди пласман во ново финале на ЛШ, Бобо Виери до крајот на јануари не заиграл во прва постава. Шанса добил дури во декември против Аталанта кога на средината од првиот дел го заменил повредениот Ален Бокшиќ.

„Мора да се движиш, не да стоиш во место“, му викал Марчело Липи на полувремето. -По ѓаволите, само што влегов во игра, ако сум толку лош извади ме’, одговорил немирниот Кристијан а Липи му рекол да замолкне и на негово место во игра го ставил Никола Аморузо.

Ова било крај за Бобо на „Деле Алпи“. Ја играл само втората сезона во Серија А, а веќе направил толку глупости. „Ќе одиме на вечера, а ќе дојде и тренерот таму. Дојди да му се извиниш“, му предложил Перуци на Бобо.

Виери добил амнестија и во преостанатите четири месеци постигнал 11 голови, дебитирал во репрезентацијата и станал фудбалерот кој го дал 1.000-от гол за Италија.

Следното лето Виери заминал на одмор и додека бил на плажа му се јавил агентот Берти: „Бобо, Атлетико нуди 30 милијарди лири по сезона, скоро пет пати повеќе отколку што земаш во Јуве.

Што правел Јувентус тогаш? Легендарниот бос Џани Ањели во интервју за la Repubblica изјавил: „Директорот Моџи ме увери лично дека Виери ќе остане. Тој е бесценет. Како Бриџит Нилсен е“, рекол „Адвокатот“. Како се однесувал Атлетико Мадрид? Тренерот на тимот од „Висенте Калдерон“ Радомир Антиќ изјавил: ’Дури и мртов Виери е подобар од било кој жив напаѓач. Ми треба само он и никој друг’.

А Моџи итро смислил план: “Ние можеме да ти ја зголемиме платата на уште две милијарди“. -Епа тогаш одам во Мадрид“, решил Бобо Виери.

На „Калдерон“ Кристијан не дал гол на првите два меча, го критикувале, ги бојкотирал новинарите од кои го заслужил прекарот „Немиот“.

Но потоа дал осум гола на пет средби и по хет-трикот против Сарагоса, му рекол на соиграчот Пауло Футре да му пренесе на шефот Хесус Хил: „Ако направам хет-трик против ПАОК во Куп на УЕФА, да ми подари Ferrari 550 Maranello“. ’Договорено’, самоуверено рекол Хил со пура во устата.

Виери набрзо го дал вториот хет-трик за четири дена и заработил ново Ferrari 550 Maranello. На крајот од сезоната бил најдобар стрелец во Шпанија, а во меѓувреме почнал да ја гради мачо репутацијата. Вршел „инспекција“ по сите ноќни клубови во Мадрид заедно со Бразилецот Жунињо Паулиста.

„Во Италија девојките за добредојде ви пружаат рака, а во Мадрид те бакнуваат“, пишува Бобо во својата книга „Викајте ме Бомбардер“. Ферарито кое го добил од Хесус Хил го оставил во Мадрид како извинување за заминувањето од клубот.

НАЈГОЛЕМИТЕ УСПЕСИ СО ЛАЦИО И НОВИОТ МОТОР

На Мундијалот ’98-ма во Франција кога се родила ќерка му Натали, Виери даде пет гола со помош на Роберто Баџо, Дел Пјеро, Мориеро и Ди Бјаџо, а потоа потпиша со Лацио каде се сретна со сиднејскиот другар Пол Окон.

На Куп мечот против Козенца, Виери го повредил коленото и паузирал до јануари, но и покрај тоа дал 13 гола: првиот и последниот на асистенција на Џузепе Панкаро, партнерот од младинците во Торино.

Страшниот Лацио тогаш стигна до финалето на Купот на Купови каде Виери најпрво постигна еврогол а потоа се раскрвари во судир со голманот Карлос Роа. Докторот на Лацио барал од тренерот Ериксон да го замени Кристијан кој играше врзан со чалма, но Синиша Михајловиќ се противел на тоа: „Виери да не излегува од терен до крајот на мечот“.

Не само што го доигра финалето, туку Виери стана и играч на мечот којшто му го донесе на Лацио првиот европски трофеј во 100-годишната историјата. Како награда за играч на наптреварот добил „Опел Микра“ која што ја дал на хуманитарна акција а за себе си купил моторцикл Дукати Манстер.

„Твојот ѕвер од мотор ќе го буди цел комшилук. Ај пробај до крај на годината да доаѓаш со кола“, му рекол техничкиот директор на Лацио Хулио Веласко. Виери можел, но не и Салас, кој удрил во еден столб со својот Харли Дејвидсон, добил седум конци на ногата и од тогаш му паднала формата.

КАВГА СО ЖЕНАТА НА МОРАТИ И ПАТ НА КАРИБИТЕ СО ЕЛИЗАБЕТ КАНАЛИС

Пред последниот тренинг на Лацио во сезоната, на Кристијан му се јавил Нарчизо Пецоти, помошникот тренер на Марчело Липи и го повикал во Интер. “Деветти клуб за девет години? Не ли е премногу? Не, ако Интер плаќа 90 милијарди лири и ме направи најбогат играч на светот, зошто да не?“, размислувал Бобо.

Во преговорите за договорот имало една пречка: Никој не може да заработува повеќе од Роналдо. На крајот Бобо прифатил и стана нов играч на Интер.

За првиот меч против Верона побарал 10-ина карти за другарите и роднините, а човекот од прес-службата на Интер му дал коверт со карти и му рекол дека треба да плати за нив. „Што треба? На трибините има 80.000 гледачи кој дошле да ме гледаат мене, а јас треба да платам за да се гледам себеси?“ Се фатил за торбата да плаќа, но за неколку минути дошол човекот од службата и му рекол: „Во ред, нема проблем, картите се бесплатни“.

Таа вечер Виери постигна три гола, потоа учествуваше во убедливиот триумф против Парма за која играа Турам и Буфон и Интер полета на првото место. Но во четвртото коло од сезоната Виери ја повредил левата нога, и ја доиграл првата полусезона со специјални копачки со поголема заштита. Тоа не му сматеша и зимата направи серија од голови на седум меча по ред.

За време на средбата со Удинезе на Виери му се обратила жена која што не ја познавал: „Треба да се срамиш како се однесуваш секоја ноќ и не си пример на спортист“. Расправијата траела, а Виери и рекол: „Изгуби се од мене!“.

Во прв момент дошол човек од управата и го прашал: „Што си и кажал? Тоа е жената на претседателот Морато. „Не ја познавам, ме нападна без причина и јас изреагирав. Штом е така, значи дека дома некој и се жали на мене“, му одговорил Бобо.

Во борбата за четвртото место на крајот од сезоната Виери се повредил и наместо на ЕВРО 2000 заминал на Карибите со неверојатниот модел Елизабет Каналис. Но ни таму немал раат, затоа што му ѕвонел агентот Берти во четири часот наутро: „Лацио сака да те врати. Дава 10 милијарди годишна плата. Се согласуваш ли? -Треба да размислам.

И ги пренел трансфер вестите на Елизабет која што му рекла: „Не верувам во врска на далечина, а сега не можам да се селам од Милано. Ако отидеш во Рим, ќе ми биде многу тешко да издржам“. Виери му се јавил на Берти: „Останувам во Интер“. 

По враќањето од Светското првенство во 2002-ра, Виери на аеродромот го дочекал повик од Мао, син му на Морати: „Знам дека ќе се лутиш, ама Неста е прескап. Затоа најдовме друг стопер. -Кој друг? Ниту еден не може да се рамни со Неста. ’Гамара од АЕК’. Кога го слушнал тоа Виери го скршил мобилниот од пистата.

Виери и Неста конечно се најдоа во ист клуб после три години. Бобо реши да го напушти Интер после конфликтот со директорот на клубот Марко Бранка. Разочаран што не му го донеле Неста, Виери почнал да прави циркузи па така пред мечот со Киево изјавил: „Никогаш не сум видел екипа која што пред важен меч стои во редот со новинари и чека контрола“. Бранка му се јавил да прекине со глупостите, а тренерот Ѕакерони во следното коло против Болоња го оставил на клупата за резерви.

Виери влегол во второто полувреме, а после мечот нервозно го фатил Бранка за врат, но физиотерапевтот Силвано Коти спречил поголема тепачка. Морати ги наговорил Виери да не си оди, но после пола година Интер го раскина договорот со него затоа што Масимо најде нов миленик - Адриано.

Виери тогаш му напишал порака на Малдини: „Да не му треба на Милан напаѓач? -Ќе зборувам со шефот’, му одговорил Малдини и утредента му се јавил: ’Галијани е спремен веднаш да те потпише’.  Во Милан конкуренција на Виери му беа Шевченко, Инзаги и Џилардино, а се ближеше Светското првенство така што Бобо после шест месеци го напушти Милан и замина во Монако каде тренер беше Италијанецот Гвидолин.

„Ако почнеш да играш редовно, местото во репрезентацијата ти е гарантирано“, го храбрел Марчело Липи. Виери даде пет гола за две месеци, но го повреди коленото на дербито со ПСЖ и дознал дека ќе пропушти неколку месеци.

„Ќе те чекам до последен момент“, му рекол Липи но наскоро дознал дека Кристијан нема да успее никако да се опорави. Виери од мака не можел да го гледа Светското на телевизија, па додека играла Италија возел кола низ пустите улици додека цела земја ги бодрела златните Аѕури.

Поради повредата на истото колено Виери го пропушти и полуфиналето на ЛШ 02/03 со Милан и единственото победничко финале со Интер (Копа Италија 2005). Со трансферот во Интер Бобо Виери стана најдобриот играч во светот во тој момент, но поради повреда пропушти два сериозни шампионати (и во двата Италија стигна до финалето), не го играше Европското 2004 и не ја дочека шампионската серија на Интер.

Неколку месеци по Мундијалот во Германија Виери дознал дека Интер пет години ги прислушкувал неговите телефонски разговори со помош на Telecom Italia. Не дознале ништо спектакуларно освен целовечерните дружби на Виери со Броки и Инзаги на плажата Маритимо каде и ја запознал Елизабет Каналис.

Со неа живеел четири години а за крај од неа добил изгребан натпис на својот Porshe Cayenne: „Курвин син“. Каналис дознала дека Виери викнал 100-ина девојки, организирал чартер лет за Роналдо а за време на вечерта надлетувал хеликоптер со парола: „Среќен 30-ти роденден Виери!

Виери наскоро бил на одмор на Сардинија со Џузепе Панкаро и таму ја сретнал Мелиса Сата: „Ти си многу убавка, знаеш? -Знам, но да те предупредам дека имам 19 години. ’Тогаш ќе бидам твој за две години’ -Добро, ако доживееш, ќе бидеш“, му рекла манекенката.

Во книгата Виери се сеќава на многу случки со неговиот најдобар другар Кристијан Броки. Раскажува кога во 2000-та Броки дошол во Интер и кога гостувале на еден пријателски меч. Броки го замолил возачот да го застане автобусот. ’Што е работава?, прашал Виери. -Броки сакал да иде во тоалет. Кога се вратил Бобо назад рекол: ’Кого сме купиле ние? Вратете го кловнов во Верона’.

Виери редовно се кладел со Роналдо. Во пари играле пинг-понг, пикадо, голф, билијард. Подоцна Виери со Броки отвори познат ланец на ресторани Braci e abbracci, се прослави во италијанскиот Танц со ѕвездите каде играше со руската балерина Наталија Титова, го тужеше Интер за мешање во приватниот живот и им зема 1,25 милиони евра, се пресели во САД, а летово објави дека ослабел 10 кила и дека му се враќа на фудбалот.