Во вторник на 15 јуни борби на Евро-2020 почнуваат неколку топ репрезентации: Португалија (актуелен европски шампион), Франција (актуелен светски шампион) и Германија (светски шампион од 2014).
На ждрепката за Европско се испостави овие три титани да играат во иста група - Ф. Четврта селекција која се најде во овој ансамбл е скромната репрезентација на Унгарија. Новинарите и навивачите веднаш квартетот во група Ф го нарекоа „група на смртта“.
Овој термин се употребува за група на некое првенство во која се наоѓаат некои од најсилните селекции.
Првпат овој наслов ("grupo de la muerte") се појавил кај мексикански новинари пред стартот на финалниот дел на Мундијалот 1970. Терминот е искористен да се опише силата на четирите селекции кои се нашле во група 3: Англија, Бразил, Чехословачка и Романија.
Во тој момент дури три од четирите селекции се сметале за реални кандидати за златниот пехар на Светското во Мексико. Англија била актуелен светски шампион, Бразил ги освоил Мундијалите во 1958 и 1962 а Чехословачка блеснала на Светското 1962 кога освоиле среро. И Романија не била за потценување.
На Мундијалот 1970 учествовале 16 репрезентации а реални фаворити за титулата биле 6 селекции (освен тројката од горе, по златото тргнале и Уругвај, Италија и Западна Германија).
И се испоставило дека дури 3 од 6 топ селекции се паднале во иста група.
Во првата фаза Англија минимално ја победила Романија. Сер Боби Чарлтон и другарите морале да се препотат за да го скршат тврдиот отпор на источно-европскиот колектив. Единствениот гол на мечот паднал во 65 минута а стрелец бил Џеф Херст.
На 3 јуни таа 1970 Бразил со Пеле во состав се сретнал со Чехословачка и „селесао“ убедливо славел 4:1.
После три дена следела нова европска битка меѓу Чехословачка и Романија. Чесите неочекувано изгубиле 1:2. На 7 јуни светот го видел и дербито Бразил - Англија. Кариоките го совладале Гордиот Албион со гол на Жаирзињо во 59’ минута. После ова Бразил едвај ја совладал Романија со 3:2 а Англија 1:0 Чехословачка.
Англичаните биле втори на табела, Бразил прв, а Чехословачка не освоила ниеден бод од три меча.
Оттука јасно е дека репрезентациите кои одат понатаму од „групата на смртта“ се сметаат за главни фаворити за титулата. Токму така и било во 1970 кога Бразил стигнал до пехарот.
Во четвртфинале Бразилците предводени од Пеле го добиле Перу 4:2, во полуфинале убедливо го совладале и Уругвај со 3:1 а во финале ја згромиле Италија со 4:1. Англија испаднала во четвртфинале 2:3 од Западна Германија.
По ова фамозно Светско 1970 секоја група која има најмалку 2 силни селекции се нарекува „група на смртта“. Во секој спорт а најчесто во фудбалската Лига на шампиони.