Предградието на Багдад, Карада е местото каде првите фудбалски чекори ги направил Јасер Кашим, син на продавач на половни автомобилски делови, кој во 1998. година решава своето семејство да го пресели на некое помирно место.
„На патиштата во Карада имаше по 25 деца кои играа на терен од 25 метри. Можеби звучи чудно, но од секаде се слушаа експлозии и гранатирање, а ние мислевме само на тоа кој ќе игра следен. И покрај долгата војна во земјата, јас имав убаво детство", Кашим ја почнува својата животна приказна.
Откако пропаднал бизнисот со автоделови на татко му, следува преселба во Јордан, каде малиот Кашим (роден 1991. година) немал толку другари како во Багдад, но и понатаму играл фудбал. По извесно време, Сафа Кашим, таткото на Јасер преку Обединетите нации добива дозвола за престој во Велика Британија и тоа само заради неговите колумни во кои го критикувал режимот во Јордан.
„Татко ми го напушти бизнисот со продажба на автомобилски делови и одлучи дека преселбата во Лондон ќе биде нова шанса за сите нас. Јас не мислев ниту на школо, ниту на ништо друго освен на фудбалот", вели Кашим.
Со пристигнувањето во главниот град на Англија, тогаш како второодделенец, Кашим се запишува и во фудбалската академија Вествеј, каде имал прилика да го покаже својот талент.
„Во Вествеј ја научив фудбалската култура. Едвај чекав да ми завршат часовите во школо и да отидам на тренинг", Кашим ги памети првите денови во Англија.
Неговата дарба веднаш била препознаета од тренерот Бери Ленч, кој го препорачал во Академијата на Фулам, така што по 7 години аматерски фудбал, фудбалерот од средината на теренот оди на проба во младинските категории на премиерлигашот. Откако не го препознале неговиот талент, во Фулам решиле да не го задржат младиот Иранец, по што тој заминува на проба во Тотенхем, каде бил во генерација со Дени Роуз, Ден Парет, Андрос Таузенд и Стивен Кокер, сегашни репрезентативци на Англија.
„Луѓето од Фулам беа свесни дека направиле грешка во оној момент кога станав стандарден играч на младинската екипа на Тотенхем, а тоа ми го призна и Бил Роверс, помошниот тренер на „Крејвен Котиџ“ ", зборува Кашим за новото поглавје во неговата кариера.
Клубот од северен Лондон важи за институција, така што во пеколната конкуренција на Тотенхем немало место за Јасер, кој разочаран од таквиот развој на настаните бил близу одлуката да го напушти фудбалот и да се сконцентрира на училиштето.
„Мислев дека треба да се посветам на иднината и да учам нешто што подоцна би го работел. Длабоко бев уверен дека од фудбалот нема леб и дека мора да се фокусирам на нешто друго, затоа што моите родители работеа само за мене", објаснува младинскиот репрезентативец на Ирак.
Во меѓувреме, блогерот и навивач на Тотенхем, Крис Милер открил дека причината за неиграњето на Кашим за „мамузите", лежи во некој судски предмет кој го имал татко му. Сепак, Кашим не можел без фудбалскиот терен и брзо нашол нов клуб, потпишувајќи договор со Брајтон, кој во тоа време беше предводен од Густаво Појет, некогашниот играч на Тотенхем, а сега тренер на Сандерленд.
Со оглед на тоа што немало доволно место во средниот ред за него, Брајтон решава да го позајми Јасер во Лутон, а подоцна и да го продаде во Свиндон, третолигашот кој понудил повеќе пари од Квинс Парк Ренџерс. Одлуката да потпише со Свиндон Таун, екипа која се натпреварува во Лига 1 ( трета лига по ред во Англија), ќе биде круцијална во кариерата на Иранецот, затоа што таму станува стандарден и омилен играч од почетокот на 2014. година.
Навивачите печатат дресови со неговиот лик и со натпис „Yaser's gonna get you'' го скандираат неговото име на секој домашен натпревар на Свиндон. Кашим им возвраќа со борбеност на средината од теренот и атрактивните додавања. Во моментов е капитен на тимот, а пред извесно време добил повик за настап во репрезентацијата на Ирак за квалификациите за азискиот куп.