Во паркот во местото Мостон, на патот од Манчестер до Олдам се наоѓа една долина на која никнува најновиот стадион во Англија. Местото е полно со работници со шлемови кои брзаат за на време да го пуштат во употреба стадионот на ФК Манчестер.
На 12 мај ќе се навршат 10 години откако Малком Глејзер и неговите браќа го купија славниот Манчестер Јунајтед. Семејството Глејзер го истовари целиот бизнис на Олд Трафорд, а тоа значеше и најголем долг за еден клуб во фудбалската историја.
Од тој момент, група навивачи на Ман. Јунајтед му го свртеа грбот на клубот кој со децении го следеа и одлучија да основаат свој сопствен клуб. Го нарекоа ФК Јунајтед оф Манчестер, име кое стои на главната трибина на стадионот Бродхарст Парк, новиот дом на екипата. Стадионот, кој официјално ќе се отвори на 29 мај кога ќе гостува Бенфика на пријателски натпревар, собира 5.000 гледачи, има голема трибина и сала за производство на светло пиво.
„Никому не тераме инает и не се докажуваме со никој. Само се обидуваме да покажеме дека има и друг начин да се води фудбалски клуб, за што мислиме дека е исправен пат“, вели Енди Велш, генералниот менаџер на клубот за Телеграф.
По 10 години во пониските лиги, ФК Јунајтед во моментов е прв во Евостик Северната Премиер лига на три кола до крајот. Уште две победи ги делат од пласман во Северната Конференција, а од таму две скалила ќе имаат до Втората лига (League Two). Многу од членовите на овој клуб беа пресудни во борбата против кампањата на Руперт Мурдох, кој во 1999. година сакаше да стане прв човек на „Црвените Ѓаволи“. Тогаш успеаа, но не може ништо со браќата Глејзер.
„Ја загубивме битката со нив, едноставно нè поразија. Но ние победуваме овде, нема никаков сомнеж во тоа“, вели Алан Харгрејв, кој го бодрел Манчестер Јунајтед дома и на гости цели 40 години.
За многумина кои го напуштија бродот на Ман. Јунајтед, преземањето на клубот од страна на Глејзер бил катализатор на лошите промени. Со развојот на модерниот фудбал, тие ги оддалечуваа навивачите сè повеќе од клубот. Ги поскапеа цените, ги менуваа термините на одигрување на средбите, ја намалуваа атмосферата и се опседнати само со пари, вели авторот Џим Вајт.
Изградбата на новиот стадион го чини ФК Јунајтед огромни 6,3 милиони фунти. 2 милиони собрале од општината, 800.000 фунти од членовите на здружението, 333.000 фунти од Инвестициски фонд и голем дел собрале од кампањата за изградба на новиот стадион.
Кога сфатиле дека им фалат уште 57.000 фунти за изградба на кујната, се јавиле голем дел волонтери. Некој ги направил клупите во соблекувалните, некој бесплатно инсталирал лифт.
„10 години живеевме во туѓ дом. Сега сме свои на свое и се чувствуваме како дел од општеството. Барот на стадионот е отворен цело време и може да дојде кој сака“, вели Енди Велш.
Тренер на екипата е Карл Маргинсон кој вели дека има проблем со тоа што секој мисли дека е тренер и му сугерира кој да игра.
„За 10 години изградивме резервен и младински тим, како и женска екипа. Дури 15 девојки од нашиот клуб веќе играат професионално во женската Премиер лига“, вели Маргинсон.
ФК Јунајтед не е единствениот клуб основан и одржуван од навивачите. Со такво нешто може да се гордее и Борусија Дортмунд.