Како некогаш во старите времиња, Манчестер Јунајтед тотално го надигра градскиот ривал и тоа по 3 пат сезонава. Првпат уште од времето на Сер Алекс Фергусон и сезоната 2009/2010, „црвените ѓаволи“ најмалку два пати во една кампања го срушија големиот ривал.
Синоќа 2-0 со головите на Марсиал и Мектоминеј, ама официјално играч на мечот беше Бруно Фернандеш. Човекот кој ја доби наградата за најдобар играч за месец февруари во Премиер лигата. Скоро уште нераспакуван откако дојде од Лисабон.
25-годишниот Португалец подолго време беше мета на Манчестер, а конечно го доведоа овој јануари за 55 милиони евра од Спортинг каде Бруно беше еден од поблиските соиграчи на нашиот Стефан Ристовски.
Со него тимот од „Олд Трафорд“ игра како препороден: Последниот пораз им датира од 22 јануари. Во февруари го победија Челси, не изгубија од незгодните Вулверхемптон и Евертон, го згромија Вотфорд, па и Клуб Бриж во Лига Европа. Сега на ред дојде и „редовниот муштерија“ сезонава, Манчестер Сити.
РАНО ОДИ ОД ДОМА, ТРГНУВА ДА ГРАДИ КАРИЕРА
Роден на 8. септември 1994 година во градот Маја, на само 11 километри северно од Порто, со население од околу 135.000 жители.
Првите фудбалски чекори ги прави во еден мал клуб, Инфеста од Сао Мамеде де Инфеста, предградие на Порто. Вродениот талент и вештини го препорачуваат во Боавишта, единствен португалски клуб кој успеал да освои титула пред големата тројка Порто-Бенфика-Спортинг.
Во 2012 година шпанскиот скаут Хавиер Рибалта кој работел за италијанскиот клуб Новара пред да премине во Јувентус, го здогледува Бруно на еден турнир. Импресиониран, Хави го препорачува 17-годишниот талент од Боавишта кај спортскиот директор и кај тренерот на младинците на Новара, Џарета и Мауро Боргети.
На Боргети му требало само еден викенд во Португалија за на дело да го види малиот. Решаваат да платат 40.000 евра колку што за него барала Боавишта. Не баш малку бари за млад, непознат фудбалер.
Уште пред да наполни 18 години, пар месеци пред да дојде неговиот роденден на 8. септември, Бруно доаѓа во академијата на Новара во реонот Пјемонте.
Девојката со која тогаш бил, ја запознал претходно во Порто (прв спојлер: ќе се ожени за неа и ќе ја добие ќерката Матилда, во Џенова, неколку години подоцна).
Во спортскиот центар Новарело спие во соба бр 11 со уште тројца други соиграчи од екипата. Во слободно време играл пинг понг и непрестано Плејстејшн. Брзо учел јазик. Фудбалот, секако, му бил на прво место. Модел за пример му бил не Кристијано Роналдо, туку Жоао Мутињо, против кого години и години подоцна ќе се сретнат еден против друг и тоа на дебито на Бруно во англиски гигант.
Првото „огнено крштевање“ за младинците на Новара го имал против младинскиот тим на Сампдорија кога покажал дека знае да игра со топка.
ПРВПАТ НА ГОЛЕМА СЦЕНА, ДРИБЛИНГ, ШУТ И ПРЕЧКА
Во тоа време тренер во Новара му е Џакомо Гатузо, стручњак кој од прва приметил каков бисер има во рацете. Прв пат го „намирисале“ неговиот талент на една пријателска меѓу младинците и кадетите, коа Бруно земал една топка, издриблал пола екипа и со топка влегол во гол.
На дебито против Сампдорија У-21 асистенција за гол. Боргети и Гатузо после неколку недели го префрлаат во првиот тим на Новара, екипа која по историскиот пласман во Серија А, по само една година испаѓа од ново во Б.
Во втора лига екипата запаѓа во резултатска криза и некаде на почетокот на ноември 2012-та, отпуштен е тренерот Атилио Тесер а на негово место доаѓа Џакомо Гатузо од младинците. Прво нешто што ќе го направи „Џак“ е прекомандување на Бруно Фернандеш во прв тим и деби против Читадела. Ништо не се сменило ни откако Гатузо заминал а нов тренер на Новара станал Андреа Алети.
Дебито за Новара го паметат сите во клубот. Навивачите го исвиркуваат и навредуваат тимот, секој играч се плаши да прими топка, а Бруно Фернандеш влегува во игра и после пар контакти тргнува во серија дриблинзи и распалува една топка во пречка. Она што малкумина го знаеле, во неколку секунди им станало јасно на сите присутни. Детево има нешто подруго.
Во следниот период го демонстрира својот талент и со 4 гола придонесува во пласманот во плејоф за Серија А. Но Бруно веќе е „уловен“ во мрежа од скаутите на поголемите екипи. Ја „проаѓа игрицата“ во Серија Б и дошло време за чекор повеќе во кариерата.
Во 2013 година потпишува со Удинезе, рај за млади фудбалери. На 3 ноември истата година дебитира за првиот тим, влегува од клупата на мечот против Интер (0:3). Првиот гол го дава на 7 декември во ремито 3:3 со Наполи. Брзо стана првотимец на тимот од Удине за кој од 2013 до 2017 одиграл 95 натпревари и бил незаменлив играч.
Прилагоден на Италија, Бруно Фернандеш станува еден од подобрите фудбалери од среден ред. Поради тоа, на 16 август 2016 година Сампдорија го откупува неговиот договор а Бруно на „Луиџи Ферарис“ дебитирал против Аталанта (2:1) кога добил шест минути. Набрзо паѓа и неговиот прв гол за Дорија, против Каљари. Сезоната ја завршува со 35 настапи и 5 гола.
ВРАЌАЊЕ ВО ТАТКОВИНАТА
На 27 јуни 2017 година португалските медиуми објавиле дека за цели 9 милиони евра Спортинг Лисабон го купува Бруно Фернандеш од Сампдорија. Притоа „лавовите“ му ставаат откупна клаузула од 100 милиони евра.
Веќе докажан како одличен играч, Бруно Фернандеш дебитира и во Лига на шампиони и Лига Европа и дава 4 гола со 7 асистенции на 14 меча во овие две елитни друштва. Во Лига Европа стигнаа дури до 1/4 финале каде испаднаа од Атлетико Мадрид кој подоцна го освои овој турнир таа сезона.
На 23 години важи за најдобар играч на својата позиција во португалската лига, а во 2018 и 2019 освојува Куп на Португалија и Лига Куп. Најголем успех во кариерата му е трофејот во Лига на нации со Португалија во 2019-та.
Стана капитен на Спортинг и еден од најблиските соиграчи на нашиот репрезентативец Стефан Ристовски со кој дружат често и кој меѓу првите му честиташе за најголемиот трансфер во животот, во јануари 2020-та.
БРУНО Е НОВ МИЛЕНИК НА ОЛД ТРАФОРД
Навивачите на Манчестер како да подзаборавија на лежерниот Пол Погба кој повеќе се слика за Инстаграм и снима сториња, отколку што игра фудбал. Со право го критикуваа и сега дојде време кога не ни мислат на него.
Главен „кривец“ за тоа е маестралниот Фернандеш.
Откако се сликаше официјално со дресот на Манчестер и го доби бројот 18, Бруно дрско влезе на терен и досега веќе има 2 гола и 3 асистенции на 5 меча во Премиер лигата. Откако Бруно Фернандеш дојде во клубот, Манчестер има 6 победи и 3 нерешени со гол разлика 18-2.
Интересно, Манчестер Јунајтед во него доби сè што му требаше: креативен организатор на игра, плејмејкер, дриблер, врвен изведувач на прекини и супер пеналџија (Манчестер сезонава има 6 промашени пенали пред Бруно да дојде).
Во осум години откако првпат дошол во Пјемонте да игра за Новара која го платила 40.000 евра, неговата цена пораснала за 2.000 пати повеќе. Денес вреди 80 милиони евра и важи за еден од најдобрите европски играчи.
Животот понекогаш стварно пишува романи.