
Жесик Нганкам има 22 години. Роден е во Берлин од камерунски родители. Откако речиси цела младост е во Херта чии младински категории ги поминува и стигнува до прв тим, тој добива понуда од големиот градски ривал Унион Берлин.
Интересно Херта со децении важеше за клуб со подобри резултати од Унион, но градскиот ривал откако за првпат во историјата влезе во Бундеслиа пред неколку годинни, буквално се препороди и стана многу сериозен европски клуб со редовни настапи во евро купови.
„Јас одамна знаев за интересот на Унион но не обрнував внимание. Кога мојот агент ми кажа дека во клубот сакаат да ме доведат, јас едно три-четири минути се замислив. Тоа не може да се случи сега, си реков. После тоа му одговорив на агентот дека не преминувам во Унион зошто сум од Херта и го сакам овој клуб. Но пријатно е да се знае дека после толку години тешка работа за мене се заинтересира клуб кој ќе игра во Лига на шампиони“, вели Жесик Нганкам.
Тој дошол во системот на Херта на 6 години во 2006-та година. Дебитирал за прв тим во 2020-та, а од тогаш до сега одиграл 37 меча, дал 6 гола и имал 3 асистенции. Во сезоната 2021/2022 бил позајмен во Гројтер Фирт каде имал 2 гола и 1 асистенција на 6 меча (повеќето натпревари ги пропуштил поради повреда). Фирт испаднал од Бундеслига па Нганкам се вратил во Херта.
Неодамна на штотуку завршеното младинско Европско првенство за играчи до 21 година, Германија У-21 одиграла слабо и завршила последна во група со Англија, Израел и Чешка. Нганкам и Мукоко доживеале дури и расистички навреди поради промашени пенали на мечот со Израел.
За шпицот на Херта е заинтересиран и Ајнтрахт Франкфурт и други бундеслигаши а на клубот на Нганкам во ваква ситуација кога е испаднат во втора лига, му требаат финансии во клупската каса за да функционира и избори место назад во елитата.