Новиот играч на Севиља Хесус Корона на кого место презиме му стои пивски бренд Текатито

Привлечно чуден е тој латино-американски свет каде прекарот знае да биде поголем и од презимето.

Најголем трансфер на спортскиот директор Рамон Мончи во Севиља оваа зима е Мексиканецот Хесус Мануел Корона. 29-годишниот фудбалер може да ги покрие сите позиции на десна страна, игра како бек и во среден ред. Одлично настапуваше во Порто.

Португалскиот гигант Порто минатото лето не го пушти овој играч за 12 милиони евра, а сега го продаде за 3 милиони во Севиља, затоа што за неколку месеци му завршува договорот.

Хесус неочекувано го добил бројот 9 во Андалузија со натпис Текатито на грбот наместо неговото право презиме. Текатито е прекар за Корона пивото.

Хесус Мануел ја почнал кариерата во мексиканскиот Монтереј. Со овој клуб стигнал до финалето на Светско клупско првенство каде во 2012 изгуби од Челси во полуфинале (тој дал гол во четвртфинале и во мечот за трето место).

Интересно, со клубот Монтереј владее пиварскиот гигант Cuauhtémoc Moctezuma. Пивото Corona им е главен конкурент на брендот, а на дресот во тоа време имале реклама за пивото Carta Blanca кое го произведува Cuauhtémoc Moctezuma, така што сопствениците не сакале на дресот на младиот фудбалер да стои неговото презиме Corona.

Корона затоа во Монтереј долго време играл со натпис Хесус К. на дресот па соиграчите почнале да се шегуваат. Тогаш и го завикале Tecate, уште едно пиво, бренд од фирмата Cuauhtémoc Moctezuma. Така Хесус Корона станал Текатито.

„Кога бев во Монтереј, каде почнав со фудбал, таму спонзор на клубот е брендот Tecate, од пиварата Cuauhtémoc. Моето презиме е Корона. И кога стигнав до прв тим, на шала на смеа, претседателот и директорот ми рекоа: „Не можеме да те викаме така (Корона, Коронита). Не можеме така, мора да ти дадеме некое друго име. Или Хесус или Текатито“. А кога викаш Текатито, тоа е нагалено од пивцето Текате. И така на крај ми остана Текатито до ден денес“, вели фудбалерот роден во 1993-та.

Прекарот го прифатиле и новинарите и коментаторите па и тие така го викале.

Во 2013-та година потпишал договор со Твенте, па подоцна и со Порто. И во Холандија и во Португалија на дресот му пишувало Tecatito.

А гигантот Corona не жалел воопшто. Од 1998-ма година ова пиво е најувезуван пијалок во цел САД и едно од најпопуларните пива на светот. Дури и во време на глобална пандемија со коронавирусот, продажбата на Corona пораснала во Велика Британија, а агенцијата Brand Finance го прогласило Corona Extra за најдобар пивски бренд на светот.

Фудбалерот Хесус Корона исто не жали многу за тоа што на дресот му го менувале презимето и му стоел прекарот Текатито. Тој и во Севиља веќе одигра два меча и ја забележа првата асистенција - во дрес на кој на грбот му стоеше Tecatito.

Пивото Tecate веќе неколку години е главен спонзор на дресовите на мексиканскиот клуб Монтереј.

28 јануари 2022 - 10:57