Њукасл после 20 години се враќа во Милано, тогаш во 2003-та играа како дома

Вечерва започнува новата сезона во елитната Лига на шампиони. На програмата вечерва и утре се неколку супер натпревари, а голем интерес предизвикува и мечот во Милано каде Милан ќе го пречека англиски Њукасл.

Во првото коло од ЛШ Њукасл за првпат после 20 години ќе биде дел од групна фаза. Во 2003-та година црно-белите исто беа на „Џузепе Меаца“, тогаш како гости на Интер.

Навивачите на Њукасл тогаш го претворија „Сан Сиро“ во домашен стадион.

Околу 10-12.000 навивачи на премиерлигашот беа присутни на ефикасниот меч, а и сега за Милан се дојдени во голема бројка па веќе прават шоу по миланските плоштади.

На денот на мечот во таа 2003-та се испиле тони алкохол а за среќа по италијанските служби на редот, немало големи инциденти.

На стадионот навивачите на Њукасл ги покориле трибините, а нивна песна ечела во текот на цел натпревар.

Легендарниот Алан Ширер, тогашен капитен на Њукасл се сеќава: „Игравме на гостински стадион но кога излеговме од тунелот пред очи ни излезе огромен црно-бел ѕид. На трибините имаше многу наши навивачи. Вториот гол го прославив со нив и беше вау!“

Натпреварот заврши 2:2, а Италијанците биле зачудени од големата бројка на англиски навивачи.

КАКО ИГРАШЕ ЊУКАСЛ ТОГАШ ВО ЛШ?

Таа сезона беше една од најуспешните европски авантури на англискиот состав.

Во трето коло од плејофот за Лига на шампиони го совладаа Жељезничар од Сараево и влегоа во групна фаза. А таму ги чекаа Јувентус, Динамо Киев и Феенорд. Првите два меча Њукасл ги загуби: прво од Динамо во Киев и неочекувано од Феенорд дома на „Сент Џејмс Парк“.

Изгубија и од Јувентус па поразот во Торино речиси да ги елиминираше. До тој момент ниту една екипа со три стартни порази во групна фаза не поминала понатаму.

Пресвртен момент бил мечот со Јувентус на „Сент Џејмс Парк“ кога Њукасл славеше победа благодарение на голот на Енди Грифин на кого му асистираше Лоран Робер. 

Триумфот над бјанконерите ја инспирирал екипата која до крај ги совлада и Динамо Киев дома и Феенорд на гости.

Особено емотивен бил мечот во Холандија. После суспензија од три меча поради црвен картон во тимот се вратил Крег Белами. Велшанецот го отворил резултатот во 45+1’ минута на истек на првиот дел. Уго Виана зголемил на 0-2 во 49-та но Феенорд се вратил на 2-2 за само шест минути од 65’ до 71.

Во 90+1’ за огромна радост на англиските навивачи Крег Белами им донел победа 2:3.

Тогаш во Лига на шампиони се играше и втора групна фаза, а таму Њукасл ги доби силните Барселона, Интер и Баер Леверкузен. Англичаните освоија 7 бода, имаа 2 победи, 1 нерешена и 3 порази и завршија трети зад Барселона и Интер.

Во таа втора групна фаза Крег Белами одново доби суспензија од 3 меча поради груб и намерен прекршок, а суспендија доби и Алан Ширер откако со лакт намерно го удри Фабио Канаваро.

„Беа многу поискусни и знаеа да го искористат нашето неискуство. Да, јас го удрив Канаваро со лакт, но и тој ме фаулираше мене, па во УЕФА после го земаа предвид и тоа при изрекување казна“, рекол Ширер.

Сега после 20 години Њукасл ќе се обиде да се пробие во следна фаза во друг формат на Лига на шампиони.

Навивачите на Њукасл уживаат на дождот во Милано на свој начин

19 септември 2023 - 10:11