"Германците го напуштија теренот како победници, а тоа не го заслужија. Во текот на натпреварот имавме неколку извонредни шанси за гол, кои ние не успеавме да ги реализираме. Игравме одлично, бевме достоен противник на еден голем фаворит, но за жал на крајот доживеавме пораз", изјави дефанзивецот на Реал Мадрид.
Очекувано, сосема спротивна беше реакцијата на стрелецот на победничкиот погодок за Германците, Марио Гомез.
"Навистина беше тешко до самиот крај, но јас сум пресреќен што на крајот токму со мојот гол успеавме да победиме. За нас најважно беше да стартуваме со победа, притисокот беше огромен и тоа е една од причините поради која не воодушевивме со нашиот настап. Верувам дека од натпревар во натпревар ќе играме се подобро и очекувам на следните мечеви да се радуваме на победи", рече Гомез.
Германија стигна со посакуваната победа, но веќе в среда избраниците на селекторот, Јоаким Лев ги чека ново искушение бидејќи противник е репрезентацијата на Холандија, која на отворањето на турнирот неочекувано загуби од Данска, која пак е следниот противник на Португалија.
Дербито меѓу Германија и Холандија почнува во 20 часот и 45 минути, а од 18 часот се среќаваат селекциите на Данска и Португалија.