Незаменливите од Серија А

Секој тренер посакува да има што повеќе стандарни првотимци на кои може да смета на секој меч и кои се практично костурот на екипата. Тоа се всушност фудбалери кои играат во константно добра форма и кои ретко завршуваат на клупата за резервни играчи. Еве дел од нив во италијанското првенство.

Даниеле Де Роси (Рома)

Секогаш е на терен, без ниту едно отсуство на досегашните 9 победи за Рома на стартот од Серија А. Руди Гарсија може да смета на неговиот придонес во голем дел од играта, а тимот веќе долго години е зависен од неговото присуство во средениот ред.

Раул Албиол (Наполи)

Словакот Хамшик и ѕвездата од Реал Мадрид Игуаин се разбира дека се главна алка во играта на Наполитанците, но сезонава од „Сантијаго Бернабеу" пристигна и Албиол без кој Бенитез се чини дека не може во одбраната. Недостасувашее на дуелот против Сасуоло и Наполи одигра само 1:1 против ланскиот второлигаш.

Артуро Видал (Јувентус)

Конте за него кажа дека во случај на војна веднаш би го земал. Видал минатата сезона беше еден од клучните играчи за шампионската титула на Јувентус, а го има во сите делови од средниот ред. На клупата може да седне само доколку е казнет.

Жоргињо (Верона)

Бразилската сензација во Верона минатата година беше еден од најзаслужните што тимот се врати во Серија А. Годинава има одиграни најмногу минути за Верона и е најдобар стрелец. Без него не може да се замисли нападот на оваа екипа.

Џузепе Роси (Фиорентина)

Осум гола на осум меча оваа сезона за Фиорентина која го избра најдоброто можно решение за испразнетото место на Јоветиќ. Роси игра во фантастична форма и ако продолжи во ваков голгетерски стил, сигурно дека ќе биде главен конкурент за најдобар стрелец во Серија А оваа сезона.

Хуго Кампањаро (Интер)

Валтер Мацари го имаше во својот состав минатата сезона во Наполи. Во нивната нова заедничка авантура во Интер, Кампањаро повторно станува важен играч. Пропушти три меча, а Интер не победи на сите три. Нерешено против Каљари и Торино и пораз од Рома.

Антонио Кандрева (Лацио)

По голманот Маркети, Кандрева е најстандардниот играч во Лацио. Петковиќ не може без него во средниот ред, а тој си заработи место и во селекцијата на Италија. Кандрева игра во најконстантна форма за тимот од Рим.

Најџел Де Јонг (Милан)

Откако се врати по повредата, почна да воспоставува ред во средината на Милан. Тимот на Алегри има проблеми со одбраната, а Де Јонг е тука да помогне во кревкиот дел од играта на Милан. 

28 октомври 2013 - 21:41