Хит во досегашниот дел од сезоната во Серија А е ланскиот второлигаш Верона кој се наоѓа на четвртото место на табелата. Во тимот покрај искусниот Лука Тони се наоѓа и едно 15 години помладо момче кое научило да игра фудбал на плажа.
21 годишниот Жоргињо во интервју за италијанскиот весник раскажува како на 15 години бил донесен во Италија со група од 50 деца менаџирани од италијански агент, а фудбалот го научил благодарение на неговата мајка која како мал го носела да тренира на плажите во Бразил.
„Промените беа многу тешки. Година ипол бев без договор, јадев и спиев во интернат, а агентот ми даваше по 20 евра неделно. Сакав да се вратам во Бразил, но потоа ми се случи преминот во младинската школа на Верона", вели талентираниот Бразилец.
Децата кои биле донесени како таленти од бразилските плажи можно е да се дел од недозволена трговија со луѓе, затоа што освен успешниот пример со Жоргињо, не е познато што се случило со останатите.
Младиот Бразилец кој игра во средниот ред мината сезона имал одлични партии во втората италијанска лига, а за него се заинтересирани Ливерпул, Арсенал и Челси. Заедно со Лука Тони тој е најдобар поединец во Верона која изненади на стартот во Серија А и која се наоѓа на табелата пред Милан, Интер, Лацио и Фиорентина.
Жоргињо викендов беше творец во пресвртот против Парма со два гола од пенал и во моментов има 5 постигнати гола во првенството. Има одлична контрола на топката и многу чувство за додавање.
Идол од детството му е Кака, а не е се уште свесен дека неговата вредност изнесува 10 милиони евра. Со квалитетите што ги поседува не е чудо за кратко време да го видиме во Премиер лигата како ѕвезда која до вчера преживувала со 20 евра неделно во џеб.