Кога читаш статија за екипи составени од имиња како Савичевиќ, Просинечки, Пикси, Шабанаџовиќ, а другата страна Малдини, Тасоти, Барези, Костакурта, Донадони, Рајкард, Гулит, Ван Бастен, тоа не може да биде една обична фудбалска средба, нели?
Плус тука е и Илија Најдоски како стартер, но не и Дарко Панчев кој таа година го направил трансферот од Вардар во Ѕвезда, но не играл бидејќи служел војска.
Мечот е всушност реванш осминафинале во ЛШ од сезоната 1988/1989 после оние 1:1 во Милано каде стрелци се Пјетро Паоло Вирдис и Драган Стојковиќ Пикси. Мечот се одиграл на 9 ноември 1988, а завршил на 10-ти. Имало толку многу магла што при водство од 1:0 за Црвена Звезда, стрелец Савичевиќ, судијата морал да го прекине. Сторијата оди вака.
Тежок испит утре, пред сè за Росонерите. Гулит е повреден и го загрижува Милан. Во Белград ќе оди како турист.
Така гласи насловот на еден италијански весник, посочувајќи ја важноста да биде во тим еден од тројцата легендарни Холанѓани. Причината е истегнување на мускул на мечот против Верона одигран само два дена претходно. Но ниту тој, ниту клубот сакале да го рипне мечот, па правеле обиди до последен момент.
Ноќта во 8 часот на ден пред мечот Руд се качил на осмиот кат во хотелот Континентал и правел вежби во ходникот. Потоа му се јавил на физиотерапевтот Тед Трост во Холандија, кој му бил пријател и човек од доверба. Му кажал како се чувствува и побарал од клубот да му средат да допатува веднаш во Белград.
Во 6 часот изутрината Милан испраќа приватен авион во кој се качува Галијани и го носи Трост во Белград. Во 9 Гулит повторно го тестирал мускулот во хотел и рекол дека чувствува болка. Физиотерапевтот пристигнал во 11, зборувал долго со Гулит, му го третирал проблемот и се консултирал со лекарскиот тим на Милан.
Пред да се качи во автобус за Маракана за мечот кој се играл од 17 часот, направил уште еден тест по кој постоела мала надеж. Тед Трост го измасирал и рекол: Може да игра едно полувреме, ризично е за повеќе. Саки одлучил да го стави на клупа.
По крајот на првиот дел кој го завршил без голови, паднало толку густа магла, што било невозможно да се игра фудбал. Домаќините во 50-та минута даваат гол, а коментаторот со задоцнување сфаќа дека е 1:0. Во преносот може да се слушне конфузија во која пред коментаторот да каже дека е стрелец Савичевиќ, друг глас вели дека тоа е Стојковиќ.
Седум минути подоцна или поточно во 57-ма, судијата е приморан да го прекине мечот. Што велел правилникот на УЕФА во тоа време при вакви ситуации?
Прекинат натпревар поради лошо време треба да се одигра следниот ден или во рок од 48 часа. Правилата наложуваат да се почне од почеток, што значи водството на Звезда не важи, но важат картоните, а тоа значи дека Саки не може да смета на двајца играчи. Вирдис поради црвен, а Анчелоти поради жолти картони.
Пред следниот ден да се одигра мечот кој бил закажан за 13 часот, интересна случка за раскажување има Паоло Тавеџа, кој бил директор за организација во Милан.
„Таа ноќ не можев да заспијам, па решив заедно со Гуидо Сусини, шеф за односи со јавност да излезам малку и го прашавме рецепционерот кој е најубавиот ноќен клуб во Белград. Фативме такси и отидовме, а јас бев убеден дека таму ќе биде и судијата. По половина час од бел Мерцедес излегува главниот судија, едниот линиски и една девојка кои беа заедно со луѓе од управата на Црвена Звезда“.
Судијата ме препозна и си разменивме поглед кој значеше “Знам што правиш и ти знаеш дека те видов“, но се разбира не прозборев ништо за тоа.
Следниот ден мечот стартуваше од 0:0 со помалку гостински навивачи, но со ист број на домашни.
Галијани влегол во соблекувална и им рекол на играчите:
„На трибините ќе има барем 120.000 навивачи. Ги отворија вратите и таму каде што има по една редица на луѓе, сега има три. Но не треба да се плашите“.
Гулит го прашал:
„По колку публика има обично?“
„40-50.000“, му одговорил Галијани.
„Добро, тоа значи дека сите други се дојдени нас да не гледаат“, завршил Холанѓанецот.
На местото на Анчелоти, Саки го ставил Коломбо, а место Вирдис шанса му дал на 19 годишниот Манари.
Уште во 4-та минута на терен драма. Василијевиќ се чини дека си даде чист автогол, кој судиите не го признаа, иако се гледа дека топката ја мина гол линијата.
По 30 минути игра Милан го отвора резултатот преку Марко Ван Бастен по одличниот центар шут на Донадони кој мајсторски го мрдна чуварот.
Но исто како и на првиот меч, израмнувањето доаѓа брзо, овој пат место за една, за четири минути. Комбинацијата Савичевиќ – Стојковиќ е лудило.
На крајот на првото полувреме се случува и една доста непријатна ситуација во која сериозно страда Донадони во дуел со Василијевиќ. Лекарскиот тим му пружа помош и го носи во болница, а на 1:59 ќе забележите како Малдини од мака се фаќа за лице и легнува на земја.
Донадони со трчање го носат во амбулантно возило, а на негово место влегува Гулит кој во тоа време игра во страшна форма, но сепак со повреда.
По 90 минути игра во Милано, 57 во Белград, па следниот ден уште 90, мечот оти во продолженија. Навивачите за да се згреат палат илјадници пламени јазици и прават прекрасна атмосфера, а славниот коментатор Бруно Пицул по кој знае пат го изговара името на српски Црвена Звезда. Инаку Stella Rossa е на италијански.
Епското осминафинале на пенали го добива Милан со резултат 2:4. За Звезда погодуваат Стојковиќ и Просинечки, а промашуваат Савичевиќ и Мркела. За Милан сите четворица гаѓаат прецизно од белата точка: Барези, Ван Бастен, Авени и Рајкард. Пеналите почнуваат на 3:53.
Младиот новинар на Тутоспорт, Сандро Сабатини не бил во можност да го следи мечот, затоа што заминал во болницата каде лежи Роберто Донадони.
„Тоа беа луди сцени, неверојатни за денешно време и немаше толку контроли. Успеав да влезам во собата каде што лежеше Донадони, каде се шмугна и еден снимател. Во истата соба од спротива лежеше и една постара жена која слушаше пренос на радио. Излегов да барам телефонска говорница за да сфатам што се случува со мечот, бидејќи од преносот на жената на српски не можев ништо да разберам. Кога ми кажаа дека Милан се квалификувал, се вратив да му кажам на Донадони на кој му забележав солза на левото око“.
Десет години подоцна, на 29 септември 1998-ма, денот кога е роден Берлускони, Ариго Саки се враќа во Белград, овој пат како тренер на Атлетико Мадрид за да се сретне во Купот на УЕФА против Обилиќ, клубот на Аркан.
„За време на тренингот слушнавме чуден звук и кога се вративме во соблекувалните имаше тигар. Пред стартот на мечот, Аркан помина на сред терен со тигарот, ми пријде, ме допре за грб и ми рече: Господине Саки и овој пат во Белград имавте среќа“, раскажува тогашниот италијански стратег.
Страшниот состав на Милан таа година стигна до финале во кое ја декласираше Стеауа Букурешт со 4:0. Двојни стрелци Гулит и Ван Бастен. Следната година ја одбранија титулата, па следуваше блесокот на Звезда во Бари.