Во 66. минута од финалето за жени меѓу Екваторска Гвинеја и Јужна Африка во 2008. година, Геновева Ањонма постигна гол со што на својата земја, во својот роден град ѝ донесе големо славје и пехар наменет за победникот. Ањонма беше најдобар стрелец на турнирот и наместо да ужива, славјето ѝ се претворило во кошмар.
Поради гласините од противничките селекции дека Ањонма всушност е машко, во кои најгласни биле фудбалерките на Јужна Африка, раководните луѓе во Африканската фудбалска федерација ја принудиле Ањонма на срамен чин, да се соблече и докаже дека е жена.
„Многу ми беше срам. Бараа од мене да се соблечам, во спротивно постоеше веројатност да го поништат резултатот од финалниот натпревар. Долго се срамев поради тоа, но со текот на времето заборавав на кошмарот“, изјави Ањонма за ББС.
Ањонма е родена во 1989. година во Малабо, главниот град на Екваторска Гвинеја, каде во сабота ќе почне машкиот Африкански Куп на нациите.
„На 5 години не ме прифаќаа децата, затоа што сакав само да шутирам топка и играв со машките. Татко ми живееше во друг град со друга жена, а мајка ми не сакаше да играм. Често се каравме сè додека еден ден не ме избрка од дома“, раскажува расниот стрелец на Е. Гвинеја.
Во 2002. година потпишува прв професионален договор со локалниот клуб Аквиле Верди во Малабо, а седум години подоцна, во 2009. заминува во Германија каде потпишува со Јена. За новиот клуб на 50 натпревари постигнала 37 голови и веќе во првата сезона била водечки стрелец во лигата.
Во 2010. година Африканската фудбалска федерација повторно направи гаф, откако Нигерија, Јужна Африка и Гана ја обвинија Екваторијална Гвинеја дека во составот има тројца мажи: сестрите Симпоре и Ањонма.
„По физичкиот изглед се гледаше дека се мажи. Баравме федерацијата да го испита целиот случај“, изјави тогаш фудбалерката на Гана, Амкома. „Криво им е и завидни се што не можат ништо да освојат“, одговора Геновева, која во моментов игра за германскиот тим Турбин Потсдам.