Во пораките, пишува белградски Н1, се откриваат и тензии меѓу некогашниот прв човек на фудбалскиот сојуз на Србија Славиша Кокеза и братот на српскиот претседател Александар Вучиќ, Андреј Вучиќ.
Наводно Кокеза кој во два мандати беше прв човек на ФСС и едно време беше и претседател на Црвена звезда, во еден разговор со некој од криминалците а кој полицијата го прислушкувала рекол:
„Инаку мене Андреј (Вучиќ) не ме поднесува зошто не го ебам 2% и не му ги исполнувам желбите. И поради тоа смислува приказни и прави афери околу мене за да го изнервира Вучиќ и овој да побара од мене да поднесам оставка“, рекол Кокеза преку апликацијата за безбедна комуникација „Скај“ на 20-ти ноември 2020-та година.
На последните избори во Фудбалскиот сојуз на Србија, главен кандидат беше Немања Видиќ, најпочитуван српски фудбалер во последните неколку децении, капитен и легенда на Манчестер Јунајтед. Видиќ витешки се бореше за чистка во српскиот фудбал, за отргнување на клубовите од канџите на мафијата но на крајот мораше да се повлече од трката.
Причина за тоа било што Славиша Кокеза како кандидат за нов мандат, планирал да го заплашува и физички да му наштети, покажуваат пораките на „Скај“ до кои стигнале новинарите на КРИК.
За ова Кокеза најмил криминалци. Тој се криел зад прекарот „Федерер“ и на крајот на 2020 и почетокот на 2021 се допишувал со десетина криминалци меѓу кои и озлогласениот Вељко Беливук како и Слободан Милутиновиќ Снајпер. Од нив преку апликацијата „Скај“ барал и им издавал наредби и бил упатен како да се изврши насилството а да не се привлече внимание на јавноста и да не се поврзе тоа со него.
На Видиќ кој во тоа време живеел во Милано, му ставиле уред за следење на возилото а Кокеза барал да му се пренесе дека „ако уште еднаш се огласи дека оди на гробишта“, пишува КРИК кој имал увид во пораките од „Скај“.
Кокеза дури и барал да се тепаат и да им се праќаат закани на фудбалери кои не му биле подобни. „Не смее тоа да биде во исто време (претепување фудбалери). Ќе има фрка во медиумите. Тоа мора еден по еден“, рекол Кокеза.
ВИДИЌ: ОВА Е ПОРАЗ ЗА ДРУШТВОТО И ЗА СИТЕ НАС
Новинарите на КРИК му покажале дел од пораките на некогашниот ас на Црвена звезда, Спартак Москва, Манчестер Јунајтед и Интер.
„Кога поставувате уличар на позиција, тој тоа го гледа уличарски и тогаш ваквите пораки воопшто не изненадуваат. Застрашувања, плашења, претепувања, можеби и повеќе од тоа се методите. А во суштина јас зборував дека системот не чини.
Ова е баш поразително, за друштвото, за сите анс. Најголема одговорнот имаат полицијата, судството, обвинителството и луѓето кои ги поставиле тие луѓе (како Кокеза) на позиција и им дале моќ да можат одредени луѓе да доведат во проблеми зошто сакаат фудбалот да биде нормален“, рекол Видиќ.