
Ако не сте фан на Серија А и немате барем 25 години, тешко дека ќе ви значи нешто името Фабио Мачерали. Беше сериозен фудбалер во периодот 1994-2004, а играше за Интер, Каљари, Болоња, Лече. Доби повик за репрезентација од Трапатони.
Но потоа се фрлил на жени и дрога и влегол во круг кој го оддалечувал од фудбалот, но и од реалниот живот. Пресвртот му се случил после една повреда која го оддалечила подолго време од терените.
„На осум натпревари имав седум или осум асистенции. Се чувствував најсилен од сите на левата страна, ги дробев противниците. Потоа се повредив и се опуштив. Враќањето се очекуваше за четири и пол месеци, но имав многу слободно време“.
„Тогаш пробав кокаин. Имате сè, жени за пример, но и тоа веќе не е доволно. Во тренинг кампот знаеа да фрлат хартија со број на станица или на семафор."
„Првиот пат кога пробав кокаин бев дома во Болоња. Грешката во основа е што има работи посилни од тебе, така оди тоа кога си арогантен. Некои работи треба да се остават, не треба ни да ги земеш, дури и ако се чувствуваш како Супермен“.
Дрогата постепено го вовлекувала во друга димензија, толку штетна што се изолирал и останал сам.
„Постои паралелен свет поврзан со кокаинот. Таа нормалност веќе не беше доволна, мислам дека имав сексуална болест, ми се појавуваа жени на насловните страници што не ги гледате во нормалниот живот. Повеќе пари потрошив на жени отколку на кокаин. Знам дека никогаш не би биле со мене, затоа ги плаќав“.
Еднаш ризикувал да умре. После пет дена без спиење, изгубил чувство за времето.
„Дневно земав по десет грама кокаин. Еднаш се исплашив. По пет дена без спиење се најдов во топла када. Се вовлеков во кревет и не бев ни сигурен дали следниот ден ќе се разбудам. Кога станав, избегав во планина и почнав со процес на детоксикација“.
Благодарение на сопругата Фабио се исчистил од дрога, а гневот што го имал го исфрлал со сечење дрва. Денес има 48 години, живее на село, работи како ѕидар и пчелар и ужива во родителството.
„Да ми работеше разумот никогаш немаше да завршам во хоророт наречен зависност од кокаин и ќе одиграв кој знае колку натпревари за Аѕурите. Но не се каам. Благодарение на мојата поранешна сопруга која ме извлече од дрогата и да не живеев без да размислувам, денес немаше да го имам најубавото нешто во мојот живот, а тоа е мојот син“, вели Мачелари
„Реално, не бев некоја класа, но имав среќа затоа што сум левак. Така почнав од пониските категории до Лече, Болоња и Каљари. Врвот беше Интер. Јас, како дете од Милано, откако знам за себе сум фасциниран од Сан Сиро и добивам покана од Интер. Тоа беше почеток на милениумот, 2000 година. Нормално прифаќам, прв пат доаѓам во соблекувалната, а таму Роналдо, Занети, Виери, Рекоба, Заморано... Постојано се смешкам како да е ова нормално, а во себе си велам „Што е ова, Фабио“? Одеднаш, мојот живот е таков што Роналдо ме кани да излезам со него и Виери“.
„Во тоа време Серија А беше најсилната лига во светот без конкуренција, имаше светски класи колку сакаш, но сите, колку и да беа добри, играа фудбал како луѓе од крв и месо. Сите, освен Роналдо. Како играше тој човек тоа не беше нормално, ниту може да се опише. Прво нѐ тренираше Липи и одвреме навреме ни велеше „Немојте да му се докажувате на Роналдо, за да не го повредите на тренинг“. И си велам: човече, не му се ни приближувам, ништо не му можам, подобро да го гледам отколку да играм. Тоа што Роналдо го правеше со топка на тренинг беа буквално чуда. А знаете кој друг беше во Интер во тоа време? 19 годишниот Андреа Пирло. И со него играв“.
„По Липи дојде Тардели и повеќе не бев дел од првиот тим. Така отидов во Болоња. Играв во толку добра форма што Трапатони ме повика во репрезентација. Мислев дека сум на врвот на светот, но многу брзо дојде голем пад. На тренинг се здобив со тешка повреда на коленото. Млад, глупав, бескорисен во некоја изопаченост, пробав кокаин чисто за забава и станав зависник. Го раскинав договорот со клубот, додека не се исчистам“.
„Потоа отидов на место кое стана мојот втор дом. На Сардинија, во Каљари. Претседателот, „лудак“ како мене, Масимо Челино. Одам на тренинг, тој си оди од стадион и влегува во некој бесен Мерцедес. Јас: „Добро ден претседателе, не ви е лоша колата“. Тој: „Ќе ти ја поклонам ако влеземе во прва лига. Тоа беше неколку дена пред последното коло. Мислев дека се шегува. Следниот понеделник курир ми заѕвони на врата. Отворам, типот ме поздравува и ми дава клучеви во рака: „Господине, вашата кола е паркирана на влезот во вашиот двор. Имајте убав ден“. Се опив од среќа и следниот ден како што сум глуп, веднаш му се јавувам на Челино и му признавам сè. А тој, луд каков што е, врескаше 'Гонете се и ти и колата, суспендирани сте'! И така добив Мерцедес, но сепак останав без клуб“.
„Сега живеам на село. Ми останаа малку пари од фудбалот, но да не работев кој знае во какви проблеми ќе навлезев, така што уживам во физичка работа на чист воздух. Јас сум всушност дрвосечач и ѕидар, а се занимавам и со пчеларство, сам си правам мед. Во слободно време ја уредувам куќата и градината или му помагам на еден пријател чие семејство има пекара. Станувам во 2-3 по полноќ и правам пецива. Кога син ми Матео е со мене, ставам сè на чекање и поминувам време со него. Мојата поранешна сопруга е во Каљари, па често одам таму, го посетувам син ми и старите пријатели“.
„Фудбал? Одвреме навреме гледам ако слушнам дека има важен натпревар. Би се вратил во фудбалот само доколку мојот голем пријател Лорен Блан ме земе за асистент. Поминаа речиси две децении откако игравме заедно во Интер и останавме блиски. Ако ме повика би се вратил. Во спротивно, среќен сум во мојата шума со моите пчели“, ја раскажува Мачелари својата фудбалска и животна приказна со големи пресврти.