За 19,77 евра навивачите на Рапид Виена ќе можат да извадат една столица од нивниот омилен стадион. Сумата е симболично одредена поради тоа што Герхард Ханапи стадионот е изграден во 1977-та година. Навивачите кои ќе издвојат 18,99 евра ќе можат да исечат од мрежата на головите, а за 5 евра за спомен ќе може да си понесат бусен од тревата на стадионот на кој играа 37 години.
Рапид Виена во моментов гради нов, модерен стадион ''Aлијанц Штадиум“, кој ќе има капацитет од 23.000 гледачи и кој треба да биде завршен за две години, заклучно со сезоната 2016/2017. На новиот стадион ќе се играат и натпреварите од една група на ЕП 2020. Во меѓувреме, додека се гради новиот стадион, Рапид своите натпревари ќе ги игра на Ернст Хапел стадионот, на кој игра австриската репрезентација.
Како пренесуваат австриските медиуми, навивачите покажале најголем интерес за уривањето на старите столбови на кои стојат рефлекторите.