Наставничке утре не доаѓам на часови, треба да бранам со Наполи

Со само 17 години и 287 дена, голманот на Генк, Мартен Вандевордт стана најмладиот чувар на мрежата на натпревар од Лига на шампиони. Направи пар киксови, ама добро, така се учи и се станува врвен голман.

Генк адна во група со Наполи, Ливерпул и Салцубрг и во таква конкуренција белгискиот шампион уште од старт се помири дека шансите за европска пролет, макар преку Лига Европа им се сведени на минимум.

Првиот голман на екипата, Дени Вуковиќ влече повреда уште од летото, па шанса им се даде на резервните голмани.

На 7 декември 17-годишниот Мартен Вандевордт дебитираше во белгиската лига против Серкл Бриж. Тогаш 21-годишниот втор голман Гаетан Кауке кој бранеше до тој меч, беше на клупата.

ДЕБИ ПРОТИВ НАПОЛИ НА САН ПАОЛО

Првиот натпревар во Лигата на шампионите за Мартен Вандевордт заврши неславно. Уште во 3’ минута Генк почна еден позиционен напад, но западна под пресинг на Наполи па настана паника. Стоперите му викаа да ја исфрли топката, а Мартен тргна да ги дрибла Мертенс и Милик и зезна работа:

Многу деморализирачки момент, да примиш гол после голем кикс уште во 3’ минута против Наполи.

Набрзо Мартен го прими и вториот гол од Милик, но овојпат вината не беше негова:

Во 38’ минута младиот голман на Генк мораше да вади пропуст на одбраната на која и избега Каљехон, излезе од својот петерец кон противникот и направи пенал. Сигурен егзекутор беше Полјакот кој запиша хет-трик:

****

Мартен Вандевордт е роден во 2002 година. За Генк дебитираше во септември годинава. Во Белгија важи за многу перспективен голман кој бранел за јуниорската репрезентација, а сега конкурира за У-21 селекцијата.

„Нашите голмани имаат разни стилови, но сите се обучуваат во иста филозофија, филозофијата на Генк. Сакаме голманите да бидат активни на теренот, да не бидат како последни дефанзивци, туку како први напаѓачи“, вели тренерот на голманите на Генк Гуј Мертенс.

Мертенс вели дека секој млад голман мора да помине тежок период на грешки за да стекне искуство.

„Кариерата на еден голман подразбира негативни и позитивни искуства. Затоа јас никого не осудувам за грешките во првите 10-15 меча после дебито. Вандевордт има 17 години, нема искуство на 28-годишен голман. Тој уште не бил во можност ниту грешки да направи“, вели тренерот на голманите на белгискиот првак.

Во Генк се сигурни дека увереноста е најважна за еден голман. Затоа во клубот има дури и психолог кој работи со голманите и ги учи правилно да се носат со грешките.

НИ ПРВ НИ ПОСЛЕДЕН ШТО НАПРАВИЛ КИКС НА ДЕБИТО

Интересно, претходниот голман кој го постави рекордот за најмлад голман во историјата на Лига на шампиони, исто почна со кикс на дебито.

Миле Свилар, голманот на Бенфика во 2017 година против Манчестер Јунајтед во Лига на шампиони направи голема грешка по еден шут на Маркус Рашфорд. Тој потег не го чинеше многу српскиот голман со белгиско државјанство, Свилар брани одвреме-навреме во португалската лига и во еврокуповите.

11 декември 2019 - 10:34