„Намерно доби два жолти и црвен за една минута, за да не игра после Нова година“

Додека Лео Меси е на најзаслужен одмор по триумфот на Светско првенство, Нејмар и Мбапе веќе се фатија со клупски фудбал. Првпат по паузата, ПСЖ го пречека Стразбур и едвај го совлада со 2:1 со гол од пенал во судиско продолжение.

Сигурно веќе слушнавте дека Нејмар доби црвен картон на мечот ПСЖ - Стразбур (2:1), а навивачите на парискиот клуб, како и оние неутралните коментатори на социјалните мрежи, сомневаат дека Бразилецот намерно добил два жолти и автоматско исклучување.

Главниот судија на мечот и најдобар француски арбитар, Клеман Турпен прво му покажа жолт на Нејмар зошто по лице го удри фудбалерот од среден ред на Стрезбур, Адриен Томасон.

А само една минута подоцна, ВО 62-ра Бразилецот доби нов жолт картон, овојпат за чиста глума, за симулација во противничкиот шеснаесетник. Заслужен втор жолт и црвен.

Навивачите тврдат дека Нејмар намерно добил два жолти за да слави Нова година без неопходност да игра следниот ден на 1. јануар, на тешкото гостување кај Ленс кој е второпласиран и заостанува осум бода зад ПСЖ.

Тренерот на ПСЖ, Криштоф Галтие во интервјуто после мечот го заштити Нејмар. Призна дека Бразилецот се обидел да симулира контакт, но додал дека првата опомена била непотребна зошто претходно имало постојани фаули од играчите на Стразбур.

„Очекував тежок меч. Стразбур можеше да се подготвки, а тоа многу значи. Тие се екипа која добро игра и троши многу сила на терен.

Жалам што во некои моменти судијата беше недоволно строг во казните за фаули врз моите фудбалери. Тоа многу го разочара Нејмар. Можам да разберам симулација, ја видов снимката и оправдано е. Заслужи жолт картон, но сметам дека неговиот прв жолт беше неправеден, споредете го со фаулите кои ги прават врз Нејмар а не добиваат никакви картони“, заклучил Галтие кого сега го чека најтежок предизвик во првенството досега, Ленс на гости.

Што се однесува до Нејмар, тој не би бил ни прв а ни последен играч кој можеби свесно ризикувал да добие картони и суспензија. На времето за такви нешта ги обвинуваа Бразилците кои намерно добиваа картони за да одат на карневалот во Рио (Едмундо од Фиорентина беше најпознат случај).

Каков Ленс, во сабота ќе се глави за дочек на Нова година

29 декември 2022 - 16:25