Магазинот „Аskmen" направи листа со најдобрите 10 млади тренери кои вреди да ги споменеме.
Франк де Бур (Ајакс)
Поранешниот славен холандски фудбалер кој мина една деката како играч на Ајакс, со тренерската работа почна постепено. Најпрвин во младинскиот сектор каде беше три години, а му беше асистент на Берт ван Марвијк на Мундијалот во Јужна Африка во 2010 каде Холандија стигна до финалето. Потоа беше унапреден во прв тренер на Ајакс со кој стигна до три шампионски титули во низа. Ливерпул го побара како замена за Рој Ходџсон, но Де Бур му остана верен на Ајакс.
Диего Симеоне (Атлетико Мадрид)
Тренерската кариера ја почна во својата родна земја и веднаш оствари резултати. Освои по една шампионска титула со Естудијантес и Ривер Плејт, а тоа му беше отскочна даска. Фудбалерите на Атлетико Мадрид под негово водство "газат" во Шпанското првенство и одлично се носат со гигантите Барселона и Реал Мадрид. Минатата сезона жртва беше „Кралскиот" тим кој загуби во финалето од шпанскиот куп, а минатата година Симеоне се покажа и на меѓународна сцена со титула во Лигата на Европа и Европскиот Супер куп.
Руди Гарсија (Рома)
Францускиот стратег има 49 години и е најстар во ова друштво. Од четирите екипи кои ги водеше во Франција успехот го пронајде со Лил со кој стигна до двојна круна во 2011 година, а беше прогласен и за најдобар француски тренер, награда која ја зема и оваа година. Гарсија преферира офанзивен фудбал кој одлично му успеа со екипата на Рома со која постави рекорд во Серија А од 15 меча без пораз на стартот во сезоната.
Мурат Јакин (Базел)
Тој што ќе го победи Жозе Мурињо секогаш привлекува внимание, а тоа го стори 39 годишниот Мурат Јакин со тимот на Базел и тоа два пати оваа сезона во групната фаза од Лигата на Шампионите. Швајцарецот со турки корени минатата година со екипата на Луцерн стигна до финалето од швајцарскиот куп, а минатата сезона во неговата дебитантската година во Базел ја освои титулата во домашното првенство и беше и финалист во купот. Неговото име се поврзува со ангажман во Лацио.
Антонио Конте (Јувентус)
Беше долго време фудбалер на италијанскиот прволигаш, а денеска е миленик како тренер. Последните две сезони фудбалерите на Јувентус под негово водство доминираа во Серија А со две титули во низа, а успеа да крене и два пехари во италијанскиот Супер куп. Најдобриот италијански тренер за сезоната 2011/2012 годинава повторно е главен фаворит за освојување на Скудетото и оваа сезона.
Сами Хипиа (Баер и Леверкузен)
По 10 години командување во одбраната на Ливерпул финскиот дефанзивец кариерата ја заврши во Баер Леверкузен пред две години. Од април 2012 година почна со тренерската работа во клубот каде за сега се задоволни од него. 40 годишниот Хипиа го однесе Бундес лигашот во осминафиналната нокату фаза во Лигата на шампионите, а неговите успеси допрва доаѓаат.
Луис Енрике (Селта Виго)
Важи за човек со голема репутација во фудбалот која ја оствари во Барселона. Токму таму ја доби првата тренерска задача во Б тимот. 43 годишниот стратег немаше славна авантура во Рома минатата сезона, а неговата креативност која ја имаше во играта од средниот ред допрва треба да ја покаже и со стратешка игра од клупата. Од оваа сезона тоа се очекува да го покаже со тимот на Селта.
Витор Переира (Ал Ахил)
Неговата работа се одвиваше постепено во тимот на Порто. Најпрвин занаетот го печеше со младинскиот погон на екипата, потоа работеше како асистент во првиот тим, а во 2011 година стана предводник на еден од водечките португалски екипи со кои освои четири трофеи од кои две шампионски титули и два Супер купа. Неговиот нов предизвик од оваа година е тимот од Ал Ахил од Саудиска Арабија.
Пол Клемент (Реал Мадрид)
Верниот асистент на Карло Анчелоти е неразделен од својот соработник со кој беше заедно во Челси, ПСЖ, а сега и во Реал Мадрид. Со тренерската работа почна уште на 23 години, а лиценца за тренер зема на 27 години. Работеше и во академијата на Фулам, а беше асистент во Блекбурн, но најмногу во него верува трофејниот италијански стратег со кого освои титули во Англија и Франција.
Оле Гунар Солскер (Молде)
Џокерот на Фергусон одлично се снајде во тренерската работа на вториот тим од Олд Трафорд со кој освои четири трофеи, а неговите квалитети сега ги користи екипата на Молде со која освои две шампионски титули и еден куп во својата родна земја Норвешка.