Клаус Лундеквам е поранешен норвешки репрезентативец кој го носеше дресот на Саутемптон во периодот од 1996 до 2008 година. По 400 одиграни натпревари поради тешка повреда бил приморан да ги закачи копачките на клинец.
И од тој момент веќе не знае како да се отрезни. Два пати го апсат за поседување дрога и напад и два пати е хоспитализиран поради предозираност. Купил билет во еден правец за Рио де Жанеиро каде планирал да ужива во кокаинот и убавите жени, но поради микс на дрога, алкохол и разни апчиња за заспивање, паднал во несвест и го пропуштил летот.
„Пиев по два литри алкохол и земав по пет до 10 грама кокаин дневно. Секој што ќе ми се доближеше, било да се полицајци, доктори, пријатели им се заканував со нож. Патувањето за Рио му реков да ми го организира еден пријател, а јас си платив за се` што треба, но никогаш не стигнав до аеродромот. Билетот се уште си го чувам како сеќавање, но мислам дека ќе ми беше бадијала, затоа што немаше да ме пуштат таков на лет. Тоа што следното утро кога требаше да полетам бев онесвестен, ми го спаси животот“, вели Лундеквкам.
Но и при еден таков убиствен начин на кој го хранел организмот во неговиот живот му се случува пресвртница.
„Нешто ми кажа во мозоков дека не можам повеќе вака да живеам. Едноставно бев преморен и исцеден. Се откажав од се` и побарав помош. За среќа ја добив потребната помош, ме однесоа кај најдобрите психијатри, но никој на почеток не можеше да ми помогне. Последните две години во Саутемптон ми беа пеколни, но потоа решив да се вратам во Норвешка каде ми рекоа дека со моето големо фудбалско искуство во Англија, ќе им бидам потребен“, раскажува поранешниот фудбалер за Guardian.
Сега Клаус кој успеал да излезе од калта, живее заедно со своето семејство покрај езеро во својата родна земја, а работи како стручен коментатор на најпознатата норвешка куќа ТВ2.